Нов болнички комплекс во Штип за 250 илјади жители од Источна Македонија – помалку упати кон Скопје, подобра грижа за пациентите.
Новата Клиничка болница во Штип треба да стане современ регионален здравствен центар за Источна Македонија, со инвестиција проценета на околу 109 милиони евра.
Министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на ФЗО Златко Перински, градоначалникот на Штип Иван Јорданов и претставници на Светска банка го разгледаа концептот за завршување и целосно опремување на болничкиот комплекс.
Проектот предвидува завршување на објектот, набавка на современа медицинска опрема и функционално поврзување на одделенијата.
„Завршувањето на Клиничката болница Штип е долг кон граѓаните на источна Македонија. Целта е пациентите да добиваат навремена и квалитетна здравствена услуга поблиску до својот дом“, изјави Клековски.
Болницата опслужува околу 150 илјади граѓани директно, а поширокиот регион опфаќа околу 250 илјади жители. Со реализацијата на проектот се очекува намалување на упатувањата кон Скопје, подобра дијагностика и услови за работа на медицинскиот кадар.
Надлежните соопштија дека со Светска банка се разгледуваат финансиските модели, проектната документација и контролата на квалитетот и роковите.







