Актуелниот одбојкарски шампион на Македонија, Штип УГД денеска се до-комплетираше со репрезентативците кои беа дел од селекцијата на Македонија на ЕП во Бугарија и ги започна подготовките во полн состав.
Првиот собир и тренинг беше во салата „Јордан Мијалков“ во Штип, а одбојкарите на Штип УГД ќе имаат еден месец за да се подготват за настап во најсилното европско клупско натпреварување.
Пред екипата е голем предизвик затоа што за прв пат ќе играат во одбојкарската елита на Европа.
Голем број на симпатизери на клубот со нетрпение го очекуваат настапот на одбојкарите во Европа, а на првиот собир поддршка на играчите им даде и големиот вљубеник во одбојката, поранешен судија, а инаку актуелен пратеникот Никола Мицевски, кој континуирано го следи и поддржува клубот.
Штип УГД на крајот на месец октомври го очекува двомечот со екстра атрактивниот противник, шампионот на Холандија, екипата на Орион Старс.








