22.6 C
Shtip
spot_img

Кој беше Ратко Младиќ? Служеше и во касарната во Штип!

Кој беше Ратко Младиќ: Патот од воената елита до најтешките обвиненија и доживотен затвор

Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, помина долг воен пат од ЈНА до највисоките командни позиции, за подоцна да биде обвинет и осуден пред Хашкиот трибунал за сериозни воени злосторства. Младиќ, кој почина на 84-годишна возраст, е роден во март 1943 година во селото Божановиќи во близина на Калиновик, Босна и Херцеговина. Имал две години кога неговиот татко бил убиен од усташите.

Дипломирал на Воено-индустриското училиште „Телеоптик“ во Земун, Воената академија на Копнената армија и Командно-штабната академија во Белград (како прв во својата генерација, со просечна оценка 9,57). По дипломирањето на Воената академија на 27 септември 1965 година, му се приклучил на постојаниот состав на Југословенската народна армија (ЈНА).

Својата офицерска кариера ја започнал со чин потпоручник во Скопје како командант на митралески вод во полкот. Служел и во Штип. Ги извршувал сите командни должности, вклучувајќи ја и должноста командант на бригада. Во 1989 година бил назначен за началник на Одделот за образование во Третата армиска област во Скопје и ја извршувал таа позиција до јуни 1991 година, кога станал помошник-командант за позадина (логистика) во Приштинскиот корпус.

На почетокот на војната во поранешна Југославија бил преместен во Книн, каде што командувал со Книнскиот корпус. Во чин генерал-потполковник бил унапреден на 4 октомври 1991 година. На 25 април 1992 година, со указ на Претседателството на СФР Југославија, бил назначен за началник на штабот на Командата на Втората армиска област во Сараево.

Во мај 1992 година, кога ЈНА се повлече од БиХ, Младиќ беше назначен за командант на Главниот штаб на Армијата на Република Српска (ВРС), функција што ја извршуваше до декември 1996 година. Во чин генерал-полковник беше унапреден на 14 јуни 1994 година.

Командант на ВРС и опсадата на Сараево

На 12 мај 1992 година, Собранието на Република Српска ги усвои своите стратешки цели, од кои првата и најважна беше создавањето етнички чиста држава за српскиот народ. Извршувањето на оваа задача му беше доверено на Младиќ.

Младиќ лично командуваше со опсадата на Сараево. Иако тврдеше дека се гаѓаат само воени цели, неговите пресретнати радио-наредби до артилеријата го откриваа вистинскиот карактер на операциите:

„Држете ги Претседателството и Собранието под директен оган. Тепајте по Пофалиќи, таму нема многу српски души; ајде да им го разбудиме умот!“

На 11 јули 1995 година, Младиќ и неговата војска влегоа во Сребреница — град во источна Босна под заштита на Обединетите нации. Младиќ го презеде градот и ги протера цивилите, додека силите на ОН се повлекоа. Според подоцнежните пресуди на Хашкиот трибунал, во тие настани беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња.

Иако обвинението во Хаг не го товари директно за дела на територијата на Хрватска, за тамошните власти Младиќ остана олицетворение на протерувањето на хрватското население и гранатирањето на Задар и Шибеник. Западните новинари го опишуваа како горд и арогантен офицер од кого се плашеа и сопствените најблиски соработници, што подоцна го потврди и генералот Радислав Крстиќ.

Обемно обвинение

Првото обвинение против Младиќ беше поднесено во јули 1995 година, токму во деновите кога влегуваше во Сребреница. Во ноември истата година, кон обвинението беше додадено и делото геноцид.

Обвинението ги опфаќаше најтешките воени злосторства:

  • Убиства и прогон на цивилното население;
  • Затворање луѓе во логори, мачење, изгладнување и сексуална злоупотреба;
  • Гранатирање и уништување градови, села и верски објекти;
  • Земање на повеќе од 280 меѓународни набљудувачи и членови на „сините шлемови“ за заложници и нивно користење како човечки штитови во јуни 1995 година.

Животот по војната и семејната трагедија

По Дејтонскиот мировен договор (ноември 1995 г.), Младиќ стана политички товар. Во октомври 1996 година беше разрешен од функцијата командант на ВРС со указ на претседателката на РС, Билјана Плавшиќ, а потоа и пензиониран.

Во меѓувреме, во март 1994 година, неговата ќерка Ана изврши самоубиство во Белград со пиштолот што Младиќ го добил како најдобар кадет на Воената академија — според многумина, поради тоа што не можела да се соочи со злосторствата на нејзиниот татко.

По завршувањето на активната служба, Младиќ со години живееше во Белград каде што ја уживаше поддршката на власта и војската. Дури на 16 јуни 2001 година, со указ на претседателот Воислав Коштуница, беше избришан од евиденцијата на професионални војници на Југословенската армија. Од 2002 година му се губи секоја официјална трага.

Апсење и осудување

По речиси 16 години бегство, Ратко Младиќ беше уапсен на 26 мај 2011 година во селото Лазарево кај Зрењанин, во куќа на свој роднина. Пет дена подоцна беше екстрадиран во Хаг.

Во ноември 2017 година, Меѓународниот трибунал во Хаг го осуди Младиќ на доживотен затвор, прогласувајќи го за виновен по 10 од 11-те точки од обвинението — за геноцид, прогон, убиства, терор и стравотни напади врз цивили во Сараево и Сребреница. Неговата доживотна казна беше правосилно потврдена во јуни 2021 година.

━ повеќе содржини

101 година од „Палјачи“ – првата опера во Македонија која се одржала во Штип!

На 29 август 1925 година, во просториите на тогашниот Офицерски дом во Штип, се кренала завесата за операта „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало....

Благослов и молитва за почетокот на новата учебна година во Штип!

Со благослов и молитва за успешен почеток на новата учебна година, во Штип ќе се одржи соборна молитва – молебен за сите ученици, студенти,...

Пијан штипјанец правел неред во Пробиштип! Дрегерот покажал 2,95 промили – еве каква казна му следува!

Педесетгодишен маж од Штип бил приведен во текот на ноќта во Пробиштип, откако полицијата утврдила дека за време на музичка манифестација го нарушувал јавниот...

Општина Штип и годинава воведува мерки против врсничкото насилство

Педагошко-психолошките служби работат с.о учениците, даваат помош и поддршка на наставниот кадар, воведени се дежурства на наставниците по ходниците за време на одморите, реализација...

Психолошка поддршка на онколошките пациенти во Штип

Заврши проектот за бесплатна психолошка поддршка на онколошките пациенти во Штип. Се бара начин проектот за продолжи. Менталната стабилност на онколошките пациенти е важна...
spot_img