33.5 C
Shtip
spot_img

Иницијатива за основање професионален театар за деца и млади во Штип

Во Источниот Регион на Македонија, единствен професионален театар е Народниот театар-Штип, кој повремено реализира претстави за деца, а веќе тринаесет години постои и фестивалот „Малиот принц“. Сепак, тоа не ги задоволува потребите на децата за секојдневна достапност на содржини наменети за нив.
Проследете го разговорот со актерот Милорад Ангелов, со неговите соработници и со дел од членовите на драмското студио „Театарче“, чиј основач е тој.

Да се почувствува магијата на сцената

– Иницијатори за создавање професионален театар за деца и млади во Штип се децата, а јас ги препознав нивниот глас и нивната идеја и ќе работам тоа да стане реалност. Со создавање таква културна институција, околу 70.000 жители од овој регион би имале достапност да уживаат во оваа уметност. Истото тоа посакувам да се случи и во другите региони на Македонија бидејќи децата заслужуваат еднакви можности и еднаква пристапност до културните содржини – вели актерот Ангелов.
Нела Ангелова од драмското студио „Театарче“ вели дека нејзе и на нејзините врсници им е потребен театар со претстави по нивна мера.
– Театарот треба да зборува за темите што нѐ засегаат, да нѐ едуцира, да нѐ инспирира и да ни помогне да растеме како личности. Ние не бараме ништо повеќе од она што им припаѓа на сите деца. Бараме еднакво право на култура, право да гледаме професионални театарски претстави и да имаме пристап до квалитетна уметност во нашиот регион. Секое дете заслужува можност да расте со театар, затоа што културата не е привилегија, таа е право – нагласува младата Нела.
Во моментов, родителите од Штип и од околните села и градови се принудени да патуваат сто и повеќе километри во еден правец, доколку сакаат нивните деца да одгледаат некоја претстава во Театарот за деца и младинци во Скопје. Тоа е голем финансиски товар, но и многу потрошено време, па затоа, според Ангелов, најголем дел од децата од овој регион никогаш не посетиле театар. Театарот за деца и младинци во Скопје работи одлично, како што вели тој, но сепак е невозможно како зграда позиционирана во главниот град да ги задоволи културните потреби на децата од целата држава.
Според Ангелов, недостигот од професионален театар за деца им овозможува на разни организации да продуцираат претстави што не се квалитетни и кои наместо да ја поттикнат љубовта на децата кон театарската уметност, се постигнува спротивен ефект.
Актерот Стефан Ѓорчев се согласува со својот колега и смета дека Штип како центар на Источниот Регион заслужува професионален театар за деца и за млади.
– Културата треба да биде достапна за секое дете, бидејќи токму преку театарот се развиваат креативноста, емпатијата и љубовта кон уметноста. За децата од Свети Николе, како и од другите соседни општини, не претставува проблем да дојдат во Штип и да уживаат во професионални театарски претстави. Близината на општините овозможува Штип да биде регионален културен центар за најмладата публика – подвлекува актерот Ѓорчев.

Сличен став има и драматургот Трајче Кацаров.
– Со создавање професионален театар ќе им овозможиме на најмладите да растат со вистински вредности, да ги развиваат својата креативност, критичката мисла и љубовта кон уметноста. Така ќе создадеме идни генерации со знаење, култура и со морални вредности. Штип има потенцијал да биде регионален центар на детската и младинската култура, а професионалниот театар ќе биде место каде што секое дете ќе има можност да ја почувствува магијата на сценската уметност – смета драматургот Кацаров, кој меѓу другото е автор на повеќе книги за деца.
Создавањето таков театар, според нашите соговорници, не само што ќе ја зајакне културната понуда во Источниот Регион туку ќе го облагороди животот на децата, ќе ја поттикне домашната продукција на драмски текстови за деца што ќе бидат поставени на сцена и ќе создава претстави усогласени со наставната материја.
Во Македонија постојат интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во Скопје, интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ во Битола, како и фестивалите „Малиот принц“ во Штип и „Силјан штркот“ во Прилеп.
Во регионот, Хрватска има 22 театри за деца и млади, по неа е Бугарија со 18, Србија има девет, Словенија и Босна и Херцеговина по четири, а Македонија го има само Театарот за деца и младинци во Скопје.

 Големите луѓе во малиот град

Согледувајќи ја потребата од побогат културен живот на децата и на младите, а поаѓајќи од својот професионален позив, актерот Милорад Ангелов го оформил драмското студио „Театарче“, кое денес функционира во просториите на Домот на младите во Штип.
За три месеци, драмското студио „Театарче“ запишало 40 члена на возраст од осум до 16 години. Неодамна ова студио го одржа својот прв јавен час изведувајќи ја претставата „Големите луѓе во малиот град“, која сака да ги прикаже возрасните од детски агол.
– Таква убавина и таква среќа како на премиерата, јас не сум видел. Децата уживаа во претставата, многу добро ги имитираа возрасните и тоа предизвика голема смеа. Во публиката, пак, беа нивните родители, баби и дедовци, кои за првпат видоа како тие самите изгледаат во детските очи – вели Ангелов.
Текстот е на актерот, но е инспириран од прераскажаните случки на децата. Драмското студио наесен ќе продолжи со изведба на претставата, но ќе подготви и нова, а посакуваат и учество на некои фестивали. Планирано е да се сними и серија за деца според темата на претставата „Големите луѓе во малиот град“, со која сакаат да ја пополнат празнината од детски содржини во македонскиот медиумски простор.
– По неколку години отсуство на драмска секција во нашиот град, ова е моја трета генерација ученици. До пред неколку години децата можеа да се запишат само во фоклорната секција, која работи квалитетно, но тоа значеше дека тие не можат да направат друг избор. И освен драмската, сметам дека треба повторно да се активираат и други секции за децата да имаат слободно време исполнето со дружба, учење и креативност, а не со безделничење. Вложувањето во децата на правилен начин е вложување во иднината на нашата држава – смета актерот.
Тој се навраќа на времето кога во Штип активно работел центарот за неформално образование, а тој и неговите врсници можеле да избираат своето слободно време да го пополнуваат со секции за гитара, фотографија, глума, литература и сл.

━ повеќе содржини

Штипската планинарка Билјана Донева го освои Мон Блан!

Планинарката Билјана Донева од Штип со големо спортско достигнување, откако успеа во неколку дена да искачи три големи врвови. На 16 јули, Донева на Монте...

УГД го објави конкурсот за упис на нови студенти – идните студенти веќе можат да се пријават електронски

Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии за академската 2026/2027 година. Првиот уписен рок ќе...

Андреа Нисева ќе атакува на медал на У-17 Светското првенство во Баку!

Штипската шампионка во борење Андреа Нисева е подготвена за нов голем предизвик – Светското првенство во борење за кадетки (У-17) во Баку, Азербејџан! Од...

Доминација во Шангај: Злато за штипскиот “Питагора” Дамјан Давков!

Најрадосната вест за ова лето пристигна директно од далечниот Исток, каде што се вееше македонското знаме благодарение на знаењето. Штипскиот математички феномен Дамјан Давков стана...

Супер засилување во Штип: Љафтов нов член на ОК Штип УГД!

Репрезентативниот примач и еден од најдобрите македонски одбојкари Александар Љафтов е нов член на Штип УГД !!! Љафтов е роден во Струмица на 15.август 1990...
spot_img