19.3 C
Shtip
spot_img

ГАСЕНИЦИ НА БОРОВ ЧЕТНИК ГИ ПУСТОШАТ ШУМИТЕ НАД КОЧАНИ, СВЕТИ НИКОЛЕ И ШТИП

Гасеници на инсект познат како боров четник пустошат борови шуми низ Македонија, што се очекува да се засили со доаѓањето на пролетта, според најновите наоди на експертите од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Тие додаваат дека низ земјата се зафатени 9.300 хектари борова шума, а ситуацијата е најалармантна во шумските предели околу Кочани, Виница, Штип и Свети Николе.

За споредба, зафатена е површина голема околу 13.000 фудбалски игралишта, односно како цело Скопје или 5 до 6 пати поголема од целиот град Кочани.

„За жал, појавата на боров четник и неговото масовно размножување не се ретка глетка кај нас. Оваа ситуација се повторува од година во година со сѐ посериозни последици. Исклучок не беше ниту изминатата година, кога забележавме сериозна појава на сушење дрвја црн бор насекаде низ државата. За ова сушење и изумирање придонесуваат голем број негативни фактори, но често токму боровиот четник го ‘подготвува теренот‘. Преку неговите дефолијации ги прави растенијата-домаќини многу поподложни и поизложени на останатите негативни чинители“, вели Благој Шурбевски, асистент по ентомологија на Катедрата за заштита на шумите и дрвото на Факултетот „Ханс Ем“

Борова шума со веќе делумно оштетување (Фото: Б. Шурбевски)

Кога се движат, гасениците од боровиот четник го прават тоа карактеристично една позади друга, како процесија или чета и оттаму доаѓа и потеклото на неговото име. Овие гасеници лесно се забележуваат во крошните на боровите дрвја како бели „памучести“ топки кои всушност ги претставуваат гнездата на боровиот четник (лат. Thaumeatopoea pityocampa).

„Неговите гасеници се хранат со иглички од бор и притоа имаат способност да конзумираат големи количини од истите. Со таквиот начин на живот и исхрана, овој инсект може да предизвика големи и трајни последици по борови шуми. Тоа може да се види во речиси сите земји околу Медитеранот. Според податоците што ги имаме собрано за тековната генерација на овој инсект, над 9.300 хектари борова шума во државата се нападнати од боров четник. На дел од овие површини има слаб напад и не е загрижувачки, но на некои има силен интензитет на напад и ситуацијата е алармантна. Второто е доста изразено во шумите во околината на Кочани, Виница, Штип и Свети Николе. Со оглед на тоа што боровиот четник најинтензивно се храни во текот на пролетта, може да се претпостави дека тековната генерација, која веќе има направено штета, ќе го покаже својот разорен потенцијал во претстојните месеци“, смета Шурбевски.

Памуковидните гнезда им служат на гасениците како засолниште за време на зимата. Секогаш прво се уништени игличките кои се наоѓаат на истите гранки како нив. (Фото: Б. Шурбевски)

Како термофилен вид, боровиот четник сака топлина и затоа кај нас најчесто се среќава на пониски надморски височини, вообичаено под 900 метри.

„За жал, може да се очекува дека оваа негова карактеристика ќе го направи уште поопасен во иднина, ако се земе предвид дека и глобалното затоплување е сѐ поизразено. Зачестеноста на благи зими, каква што е и оваа, го помага развитокот на боровиот четник и ја редуцира смртноста на неговите популации. Така ќе има повеќе гасеници кои ќе можат да изедат повеќе зелена маса од дрвјата и ќе нанесат уште посериозни штети“, вели Шурбевски.

Кога се движат, гасениците од боровиот четник го прават тоа карактеристично една позади друга, како процесија или чета и оттаму доаѓа и потеклото на неговото име. (Фото: Б. Шурбевски)

Тој предупредува дека овој инсект е опасен и за луѓето зашто гасениците се прекриени со токсични влакненца кои го содржат протеинот тауметопоин, што може да предизвика контактен дерматит кај луѓе и животни.

Борова шума под силен напад од боров четник. (Фото: Б. Шурбевски)

„Особено е опасно во допир со очите и дишните патишта. Дразбата која се чувствува при допир со овие влакненца е слична на жарење од коприва, меѓутоа доста поинтензивна и подолготрајна. Кај некои луѓе може да трае и со денови и во ретки случаи да предизвика сериозна алергиска реакција“, појасни Шурбевски.

Иако постојат мерки со кои може да се ублажи штетното влијание од овој инсект, во последните 15-ина години во Македонија не се презема речиси ништо сериозно.

„Средствата и капацитетите што ни се на располагање како истражувачи се апсолутно недоволни, а и на терен не се делува против овие чести намножувања на боровиот четник. До 2010, на неколку години се правело авиотретирање на нападнатите површини со инсектициди. Оттогаш, ова не е направено ниту еднаш. За тоа навистина се потребни сериозни средства, меѓутоа тоа е еден вид инвестиција во идното здравје на шумата. Дополнително, во денешно време постојат подобрени техники и технологии, како, на пример, агро-дронови, кои нудат зголемена ефикасност во однос на вложените пари. Понудата на биопрепарати е исто така подобрена. Тоа се инсектициди кои содржат биолошки агент, најчесто бактерија, наместо синтетичка хемикалија. Нивната употреба не предизвикува колатерална штета врз другите видови во екосистемот, што значи дека не постои ризик од испуштање силни отрови во шумите при нивното нанесување“, кажа Шурбевски.

━ повеќе содржини

Нови 8-во-1 паметни камери пристигнуваат на патиштата: Снимаат сè што правите зад воланот, откриваат до 8 прекршоци одеднаш

Европските земји воведуваат нова генерација „паметни камери за брзина“ напојувани со вештачка интелигенција, кои можат да детектираат повеќе сообраќајни прекршоци одеднаш. Европските земји сè повеќе...

Штипјанец ги злоупотребил податоците од својот татко за да земе кредит, поднесена кривична пријава!

СВР Штип поднесе кривична пријава против Д.Г.(45) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот, без знаење...

ДИЗЕЛОТ ПОЕВТИНУВА ЗА 6,5 ДЕНАРИ, БЕНЗИНИТЕ ПОСКАПУВААТ ЗА ПОЛОВИНА ДЕНАР

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на...

ВАР добива поголема моќ на Светското првенство: нови правила за црвени картони, задржување време и повреди

Светското првенство во фудбал во 2026 година ќе се игра со нови правила, откако Меѓународниот борд на фудбалските асоцијации – ИФАБ потврди пакет измени...

Само 12 дејности во Македонија се со плата над 1.000 евра!

Платите во Македонија и понатаму покажуваат значајни разлики меѓу секторите, при што мал број дејности издвојуваат значително повисоки примања од националниот просек, покажува најновата...
spot_img