Црвен аларм во Грција: Невреме со град, силен ветер и поројни дождови се очекуваат во Халкидики и Солун
Црвен метеоаларм е издаден во Грција поради нагло влошување на временските услови, со силни поројни дождови, грмежи, олуен ветер и локална појава на град.
Грчката национална метеоролошка служба (ЕМЈ) предупредува дека нестабилното време ќе го зафати поголемиот дел од земјата за денес и утре, по неколкудневниот екстремен топлотен бран.
Најсилниот удар се очекува денес, кога нестабилноста ќе ги погоди Халкидики и Солун, региони кои во летниот период се едни од најпосетените од македонските туристи. Се прогнозираат обилни врнежи, силни налети на ветер и услови за создавање проблеми во сообраќајот и на крајбрежјето.
Надлежните служби упатуваат апел до туристите да бидат внимателни и при првите знаци на невреме веднаш да ги напуштат плажите и да не остануваат во морето за време на грмежи.
Се препорачува избегнување на патување при најинтензивни врнежи поради намалена видливост и можни поплави на патиштата, како и редовно следење на известувањата од локалните служби.
Метеоролозите посочуваат дека невремето нема да ја зафати цела Грција во исто време, но граѓаните и туристите во северните делови на земјата треба да бидат подготвени за нагли промени на времето.







