Неодамна излезе од печат истражувачката студија „Мисномер: Хронотопна прошетка низ несоодветните имиња“ на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи за една од ретките македонски книги од областа на етимологијата. Нејзин основен предмет на обработка е зборопотеклото и значењето на терминот мисномер, што претставува несоодветно или погрешно име. На популарен начин, преку мноштво примери од историјата, географијата и од уметноста, во книгата се претставени и најемблематичните примери на ваквиот тип зборови.
– Најновата публикација на Александар Стеванов, што е типично за него, претставува спој од повеќе навидум неспоиви дисциплини на човековото спознание. Таа е историска читанка за „откривањето“ на Америка и за прекривањето на ‘Македонија’, туристички водич за несоодветно именуваните места и етимолошки речник составен од само неколку зборови. Меѓу темите испреплетени во логичната целина насловена „Мисномер: Хронотопна прошетка низ несоодветните имиња“, неминовно спаѓа и стрипот, пишува уредничката на изданието Добрила Стеванова.
„Мисномер: Хронотопна прошетка низ несоодветните имиња“, чие издавање е поддржано од Министерствотото за култура и туризам, е дваесетта објавена публикација на која Александар Стеванов се потпишува како автор. Во последните неколку месеци тој беше особено активен на полето на деветтата уметност. Кон крајот на јуни одржа петдневно предавање за стрип во Дино паркот во Штип, а на средината на јули имаше изложба на стрипови во Домот на културата исто така Штип, по што гостуваше на фестивалите на стрип во Загреб и во Шибеник.







