Според мерењата, на автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17 часот бил регистриран оркански удар на ветер со максимална брзина од 134 км/ч, со правец запад-северозапад.
Силното невреме што вчера го зафати Штип предизвика сериозна штета на покривната конструкција на Клиничката болница. Дел од најгорните катови прокиснале, по што дваесетина пациенти од Ортопедското одделение и Одделението за интензивно лекување биле преместени во побезбедни простории.
Штипските комунални служби и техничките екипи на болницата цело попладне и во текот на ноќта работеле на санација на откорнатиот покрив.
Ортопедија и реанимација работат со намален капацитет
Раководителката на Одделението за реанимација, Билјана Ефтимова, изјави дека веднаш по невремето биле преземени мерки за безбедност на пациентите.
„Уште вчера, веднаш по невремето, кога дел од најгорните катови прокисна, дваесетина пациенти од Ортопедија и од Одделението за интензивно лекување се преместени во побезбедни простории. Сепак, двете одделенија поради овие проблеми работат со намален капацитет. Денеска се утврдува штетата и преземени се мерки со продолжено работење на сите да се санира состојбата“, изјави Ефтимова.
Од Клиничката болница велат дека нема застој во пружањето здравствени услуги и дека болницата продолжува да работи нормално.
Отстранети неколку тони лим и скршени греди
Според информациите од болницата, досега се отстранети неколку тони лим и скршени греди од кровната конструкција.
Силниот ветер целосно откорнал дел од покривот, но конструкцијата останала на кровот и не паднала во просторот кај главниот влез на Ургентниот центар. Поради тоа, нема повредени лица.
Се очекува денеска да биде отстранет целиот оштетен покрив, по што веднаш ќе почне поставување нова кровна конструкција и посигурен покрив со поцврст материјал.
Штипските служби расчистуваат улици, паднати дрвја и наноси
Јавното претпријатие „Исар“ во текот на ноќта и денеска ангажирало околу стотина луѓе за расчистување на градот.
Екипите работат на оспособување на сообраќајниците од наноси, паднати делови од покриви и гаражи, како и откорнати дрвја.
Интервенции имало и кај филтер-станицата, каде исто така имало паднати дрвја, но не се регистрирани штети на водоснабдителните објекти, кои се заштитени и се под контрола.
Кризниот штаб работи деноноќно
Од почетокот на невремето деноноќно работи Кризниот штаб на Општина Штип. Од таму биле дадени инструкции за брза мобилизација на расположливиот кадар и активирање на целокупната механизација за расчистување.
Мобилизирани се јавните претпријатија и Противпожарната единица, кои досега отстраниле околу педесет паднати дрвја. Интервенции имало и во поплавени подруми.
Општина Штип ги повика граѓаните да ги пријавуваат штетите предизвикани од невремето, за да може да се направи увид во вкупната состојба и да се разгледаат можни мерки за обештетување.







