Штип на 16 март ќе биде обединет во тивка, но силна порака на сеќавање, почит и солидарност. Граѓаните ќе се соберат на градскиот плоштад за да им оддадат почит на сограѓаните „ангели“ кои повеќе не се меѓу нас, потсетувајќи дека и по една тешка и болна година – споменот за нив живее.
Настанот е посветен на сите жртви од страотниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, со порака дека тие никогаш нема да бидат заборавени, а воедно ќе биде испратена и силна поддршка до граѓаните на Кочани. Организаторите нагласуваат дека Штип стои заедно со Кочани во овие тешки моменти, обединети во болката, но и во надежта.
Програмата започнува во 18:30 часот со прием на гости и поставување камен-темелник за изградба на спомен-обележје кај фонтаната во близина на градскиот плоштад. Потоа, од 18:40 до 19:10 часот ќе следува палење свеќи во чест на сите починати.
Во 19:10 часот ќе се одржи кратка пригодна програма посветена на жртвите, додека настанот ќе заврши во 19:30 часот со симболично „ѕвездено небо“ – момент кога присутните ќе ги вклучат светилките од своите мобилни телефони, испраќајќи порака дека светлината постои дури и во најмрачните денови.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат и заедно да испратат порака на љубов, сеќавање и единство – затоа што, како што велат, Штип не заборава.







