Ќе се реконструираат мостовите на реките Брегалница и Отиња во Штип, а деновиве се прават испитувања од страна на ИЗИС. Согласно анализите ќе се одлучува понатаму за мостовите, пред се на река Брегалница кои се со поголема носивост и доколку има потреба ќе има и промена во сообраќајниот режим. Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов, не треба да се создава паника кај граѓаните, бидејќи ова се прави за подобрување на самата инфраструктура. Мостовите се изградени пред повеќе децении, а денес се соочуваат со зголемен сообраќаен притисок, дотрајаност на конструкцијата и оштетувања предизвикани од временските услови.
Водостојот на река Брегалница, се менува и тоа влијае на статиката на мостовите. Инаку обновените мостови би придонеле и за подобрување на урбаниот изглед на градот, како и побезбеден транспорт и на граѓаните. Испитувањата на ИЗИС завршуваат на крајот од месецот, по што Општина Штип ќе знае кој од мостовите има приоритет за санација.







