25 C
Shtip
spot_img

Доц. д-р. Мирела Василева: „Сончевите зраци не лечат – тие маскираат, па оштетуваат“

Со доаѓањето на летото, кожата станува прва на линија на удар – од сончеви зраци, високи температури, потење до инфекции. Доц. д-р. Мирела Василева, раководител на Одделот по дерматовенерологија при Клиничката болница во Штип, предупредува на бројни дерматолошки предизвици кои не смееме да ги игнорираме.

Летото не е само сезона на море, туку и на изгореници

Најчестите дерматолошки состојби со кои пациентите се соочуваат во летниот период се „изгореници од сонце, топлотен осип, инфекции, убоди од инсекти и влошување или појава на нови акни“. Како што објаснува д-р Василева, овие појави се резултат на „растот на температурите, директната изложеност на УВ зраци, потењето и задржувањето на пот во порите“.

Дополнително, некои хронични состојби забележуваат влошување токму во летните месеци:
„Дерматолошки состојби во кои забележуваме егзацербација овој период се атопискиот дерматит, розацеа, варикозни вени, дискоиден лупус еритематодес…“

Сонцето како волк во овча кожа

Иако понекогаш УВ-зраците може да имаат краткотраен корисен ефект кај состојби како псоријаза или акни, д-р Василева вели: „Сонцето не лечи – тоа маскира, а потоа оштетува.“

Таа предупредува дека „УВ зраците во поголем процент негативно влијаат на кожата со тоа што предизвикуваат оштетување на ДНК на клетките“, што води до предвремено стареење, хиперпигментации и зголемен ризик од карцином. Првите знаци на оштетување се црвенило, лупење, појава на пигментни флеки и сушење на кожата. Хроничната изложеност води до фото-стареење: „рана појава на брчки, губење еластичност, рапава текстура, хиперпигментации и, на крајот, преканцерози и карцином.“

Заштитата од сонце не е избор, туку обврска

Клучниот совет од докторката е јасен и гласен:
„Ако треба да издвојам една единствена, но суштинска препорака за заштита на кожата во летниот период, таа би била да доследно, правилно и редовно се употребува широкоспектарен фотозаштитен препарат со минимум СПФ 30.“ Таа потенцира дека фотозаштитата мора да биде „индивидуализирана според фототипот, активностите и специфичните кожни состојби“. Дополнително објаснува дека СПФ 25 блокира околу 95% од УВБ зраците, додека СПФ 50 блокира околу 97%, а РА+++ значи висока заштита од УВА зраците. „Фотозаштитата не е само козметички совет, таа е медицинска потреба, основа на секој превентивен и терапевтски дерматолошки протокол.“

Море или базен?

Солената вода, според д-р Василева, може да има благ антисептичен ефект и да помогне кај акни, псоријаза и некои рани, но: „Може да ја влоши состојбата кај сува и атопична кожа која дополнително ќе ја иритира.“

Хлорот, пак, е целосно непожелен: „Хлорот од базени е многу силен иританс особено за чувствителна кожа и нема никаков позитивен ефект за неа.“

Исхрана: Сојузник или невидлив непријател?

Исхраната игра клучна улога во дерматологијата.
„Акните се поврзани со висок гликемиски индекс. Себореичниот дерматит се влошува со алкохол, масти и шеќери. Розацеата реагира на зачинета храна и алкохол.“
Од друга страна, антиоксиданси, омега-3 масни киселини и доволен внес на вода можат да го намалат воспалението и да ја подобрат состојбата на кожата.

„Кожата ни е една за цел живот и оштетувањата од детството ги носиме до старост. НЕ ЕКСПЕРИМЕНТИРАЈТЕ!“, потенцира Василева. 

Автор на текстот: Даница Среткоска

━ повеќе содржини

Кои се 5-те најпознати народи без држава, знаме и националност?

Во светот постојат стотици етнички групи, но не секоја од нив има сопствена национална држава. Некои народи, иако бројни и богати со култура и...

Кој всушност е новиот дечко на Јелена Карлеуша?

Јелена Карлеуша неодамна конечно ја призна својата врска со младиот кошаркар Никола Јовановиќ. Иако со месеци се шпекулираше за нивната врска, малкумина ги знаат деталите...

Пожар предизвикан од плински уред во текот на вчерашниот ден во Штип

Во текот на вчерашниот ден, во 14:30 часот во СВР Штип било пријавено дека од плински шпорет настанал пожар во куќата сопственост на Е.Л....

Џенерал Моторс и официјално во Формула 1

Формула 1 и Џенерал Моторс (ЏМ) постигнаа денеска начелен договор за влез на ЏМ/Кадилак како 11. тим во светскиот шампионат во Формула 1 од...

МВР објави оглас за 150 полицајци

Министерството за внатрешни работи објави јавен повик за вработување на 150 униформирани полициски службеници. Полицијата ги охрабрува сите млади, непартиски лица, мажи и жени под...
spot_img