Пред 113 години, во Букурешт, на денешен ден, потпишан е договорот за поделба на Македонија. Во преговорите, името Македонија не се ни споменува, но во суштина, се се’ врти околу нејзината територија.
Што се случувало во тие 12 дена на преговорите од 30 јули 1913 до 10 август 1913 според новиот календар, односно од 17 до 28 јули 1913 година (според стариот календар) кога Македонија е поделена меѓу Грција, Бугарија и Србија? Каква била улогата на Русија, Франција, Италија и Австрија?
Еве ја атмосферата во текот на тие 12 дена исполнети со дипломатски замки и надмудрувања, не само меѓу Грција, Србија и Бугарија, туку и меѓу големите сили кои ги расчистувале своите сметки преку грбот на помалите земји.
Втората балканска војна започнала со судирите меѓу Бугарија, Грција и Србија во јуни 1913 година во врска со различните сфаќања за тоа на која држава колкав дел од Македонија треба да и припадне. Подоцнежните анализи покажале дека е многу веројатно оти Бугарија ќе успеела да извојува победа и на двата фронта, доколку таквата ситуација не ја искористела Романија, која поттикната од Франција и Велика Британија, и објавила војна на Софија. Со оглед на тоа што северниот дел на Бугарија бил речиси без војска, романските одреди на почетокот на јули едноставно се прошетале низ бугарската земја и стигнале пред капијата на бугарскиот главен град. Истото го искористила и Турција, која отворила четврт фронт против бугарската војска. По ова поразот на Бугарија бил неминовен, па таа побарала прекин на непријателствата и преговори.
На 14 јули 1913 година (стар календар), недела, со српски брод на кој се вееле српското, црногорското, грчкото и романското знаме, во Турну Северин заедно пристигнале српската, грчката и црногорската делегација. Биле пречекани од Треанеа Гречеано, шеф на романскиот дворски протокол. Оттука, со воз заминале за Букурешт. Во разговорот со еден дописник на романски весник, претседателот на српската Влада и шеф на српската делегација, Никола Пашиќ, веднаш по пристигнувањето изјавил:
„По прашањето за Гевгелија, меѓу нас и Грците нема никакво несогласување. Ако и Бугарите ја покажат истата дорба воља, преговорите бргу ќе завршат“.
На тоа се надоврзал и грчкиот делегат Димитар Панас:
„Меѓу нас и Србите нема несогласувања. Гевгелија нема да ни прави проблем.“
Во меѓувреме, на пат кон Букурешт била и бугарската делегација, предводена од министерот за финансии и претседател на Либералната партија Димитар Тончев.


17 ЈУЛИ 1913 ГОДИНА, стар календар, 30 ЈУЛИ 1913 нов календар
Преговорите започнале на 17 јули 1913 година во 16 часот со седница на делегатите на завојуваните земји во романското Министерство за надворешни работи. Први пристигнале Србите и Црногорците, потоа Бугарите, Грците и на крај романските делегати. За претседавач на седницата бил избран претседателот на романската Влада, Титу Мајореску. Тоа бил прв ден кога делегатите се запознавале меѓу себе, но и со содржината на нивните полномоштва. Било констатирано дека сите, освен претставниците на Црна Гора имаат неограничени овластувања за водење преговори и за склучување мир. Првите сигнали биле дека помеѓу Романија и Бугарија и Србија и Бугарија бргу ќе биде постигнат договор. Се навестувало дека сериозен проблем може да има во преговорите меѓу Бугарија и Грција поради пристаништето Кавала.
Но, и покрај најавите дека работите можеби ќе одат лесно, уште пред да запошнат преговорите односите меѓу Србија и Бугарија дополнително се заостриле поради тоа што Бугарите побарале од Романците да го заштитат населението од градот Видин, тврдејќи дека ако во него прва влезе српската војска, која се наоѓала на три километри од градот, ќе се случи масакр. Во Србија тоа е протолкувано како дипломатски обид на бугарската делегација да внесе раздор во добрите односи меѓу Романија и Србија и како интрига на Бугарите. Подоцна се дознало дека на ваков чекор Бугарија била советувана од Италија, која поради своите интереси во Албанија и егејските острови, не била наклонета кон Грција и Србија.
На истиот состанок, по предлог на грчкиот премиер Елефтерос Венизелос кој ја предводел грчката делегацијата, било договорено од 18 јули во 17 часот, да започне примирје на сите боишта. Целосното примирје требало да се воспостави во рок од пет дена, односно до 23 јули. Доколку до тој датум не се постигнел договор или доколку не биле дадени гаранции дека ќе биде постигнат договор под услови прифатливи за сите страни, непријателствата ќе продолжеле.
18 ЈУЛИ (31 ЈУЛИ)
Втор ден од разговорите кои повторно започнале во 16 часот. Состанокот траел половина час при што било договорено дека спротивставените страни треба меѓусебно, на посебни и одвоени средби да ги решат спорните прашања, а на конференцијата да ги изнесуваат само тие во врска со кои не била постигната согласност. Потоа, во вечерните часови се воделе посебни разговори меѓу српскиот премиер Пашиќ и бугарскиот шеф на делегацијата Тончев, по што следела средба и разговор меѓу Тончев и Венизелос. Претходниот ден Венизелос изјавил дека Кавала мора да остане грчка и уште еднаш потврдил дека проблемот со Гевгелија нема да се појави и дека градот најверојатно ќе и припадне на Србија.
Истовремено, внимателно се слушале пораките што доаѓаат од големите сили, пред се Велика Британија, Франција, Русија и Австро-Унгарија. Дента владеело уверување дека ниту една од нив нема ништо против Србија да ја добие Македонија од десната и од левата страна на реката Вардар, се’ до Гевгелија. Извесен немир внеле написите во некои австриски весници дека сепак, заради рамнотежа на Балканот, на Србија треба да и припадне само територијата од десната страна на Вардар, а на Бугарија левата страна и пристаништето Кавала.
На 18 јули се појавила и веста дека Бугарите можат да го истакнат прашањето за автономија на Македонија, како последна шанса да ги спречат аспирациите на Србија и Грција. Веднаш стигнала и реакцијата на дописниците на некои балкански весници од Париз кои известиле дека Франција смета оти тоа прашање е решено и потсетиле дека на преговорите во Лондон по завршувањето на Првата балканска војна, истиот предлог го понудила и Турција. Тогаш, токму од Бугарија било одговорено дека Турција заборавила на резултите од војната и дека предлогот за автономна Македонија не може да се прифати. Пораката била јасна: ако сега Бугарија го постави истото прашање, таа фактички се однесува како и Турција, зошто не зема предвид дека е поразена во војната, но ќе го добие истиот одговор што и самата му го дала на турскиот претставник на преговорите во Лондон. Тоа се денови кога Грција и Србија уживале огромна поддршка од Франција и Велика Британија кои во двете земји гледале брана против ширењето на австриското и руското влијание на Балканот.

19 ЈУЛИ (1 АВГУСТ)
Од 10 часот се воделе разговори меѓу српската, грчката и црногорската делегација од една страна и бугарската од друга. Во текот на разговорите на Бугарија и биле испорачани барањата на сојузниците. Претходно, бугарската и романската делегација постигнале договор со кој Бугарија и ја отстапила Добруџа на Романија. Бугарите експресно се договориле со Романците, надевајќи се дека на тој начин ќе успеат во натамошниот тек од разговорите Романија да се однесува како неутрална страна бидејќи интересот веќе и е задоволен.
Официјалната конференција под претседателство на Мајореску започнала во 16 часот, но била прекината откако било констатирано дека сојузниците и Бугарите се уште не постигнале договор.
Дента била видлива нервозата поради турското освојување на Едрене и извештаите дека населението излегло да прославува упатувајќи му благодарност на султанот. Поради тоа, рускиот амбасадор во Букурешт им советувал на Грција и Србија што поскоро да постигнат договор со Бугарија за да се избегнат кавгите и за да може Русија да и го гарантира Едрене на Софија. Два дена подоцна, станала јасна нервозата на Русија: токму на 19 јули турската власт на неколку часа го затворила преминот преку Босфор за трговски бродови. Подоцна, преминот бил отворен, но пораката била доволно силна за да се крене паника во Русија, односно во Санкт Петерсбург. Кога ќе посака, Турција може да ја блокира Русија и ако таа, преку Бугарија не најде друг излез кон море, се наоѓа во прилично незгодна положба. Токму затоа, Русија од позадина ќе ја поддржува Бугарија во нејзиното барање да го добие пристаништето Кавала и тоа било едно од клучните прашања околу кое се ‘кршеле’ преговорите.
20 ЈУЛИ (2 АВГУСТ)
Денот започнал со изјавата на бугарскиот премиер Радосавов за весникот ‘Цајт’ дека ‘веќе сега може да се смета оти мирот е постигнат’ и дека ‘што се однесува до поделбата на Македонија, нема да има несовладливи пречки затоа што големите сили го задржаа правото да го имаат последниот збор’.
Изјавата покажува дека Бугарите се обидувале со помош на дипломатски средства да издејствуваат што поголем дел од Македонија за себе, но дури и во случај на неповолен развој на настаните, се надевале на помош од Русија и Австро-Унгарија по завршување на преговорите. Прашањето за автономија на Македонија по францускиот неофицијален сигнал веќе не било споменувано.
Во текот на денот Србија и Грција повеќе биле ангажирани на дипломатски план во врска со проблемот на влегувањето на Турција во Едрене, истакнувајќи дека тоа прашање, кое се обидува да го наметне Русија, нема врска со преговорите во Букурешт. Ако Бугарија има проблем со Турција, нека се обрати кај големите сили за тоа, бил заедничкиот став на српската и грчката делегација..
На 20 јули обелоденети се барањата на сојузниците поставени два дена пред тоа. Од Бугарија било побарано границата да се повлече по реката Струма, и линијата да оди се до Егејско Море, потоа Бугарија да се откаже од сите предлози поврзани со островите во Егејското Море, да прифати плаќање на отштета и да даде гаранции за населението во Тракија за слобода, училишта и црква во општините означени како грчки. Се повеќе се кристализирал и ставот на големите сили за Кавала.
Весниците пренсуваат дека зад идејата пристаништето да и припадне на Бугарија застанале не само Русија, туку и Австрија и Италија, додека Франција, Велика Британија и Германија инсистирале тоа да и припадне на Грција. Дента се чекал сигнал од Бугарија за тоа дали ги прифаќа барањата на сојузниците, за да може да се продолжи примирјето кое завршувало на 23 јули.
Пропагандата била активна и за време на преговорите. Така, на 21 јули српските и грчките весници биле преплавени со извештаи за масакрите што бугарската војска ги извршила во Сер. Во белградска ‘Политика’ било објавено и некое писмо од здружение на грчки жени, кои навеле дека во едно село во близината на Сер, Бугарите им закачиле ѕвончиња на жените и ги терале голи да играат околу огнот во кој живи ги фрлале нивните деца. Подоцна, Карнегиевата комисија ги истражувала сите наводи за злосторствата во Сер (и не само таму) и утврдила дека во најголем број случаи всушност станувало збор за лаги на Грците и Србите.







