Македонија одигра одличен прв дел, но потоа падна и претрпе пораз од Словенија во Скопје (26-32) во рамките на третото коло од квалификациите за Европското првенство.
Ова е втор неуспех за нашата селекција во овој квалификациски циклус, а време за одмор нема и веднаш мора да се насочи кон следниот предизвик. Свое видување за натпреварот даде Марко Митев , кој кажа:
„Имавме многу квалитетен старт, многу добро започнавме, но во финишот од првото полувреме пропуштивме шест гола предност. Тоа не смее да се случи на еден ваков натпревар, против ваква селекција, која пред една година играше во полуфинале на ЛОИ. Словенија е поквалитетна селекција од нас, но ќе се спремиме добро и во Словенија ќе одиме на изненадување. Ако сакаме победа ќе мора да ги надминеме денешните грешки и да ја подобриме одбраната“, рече младиот среден бек.
Веќе в недела се игра уште еден натпревар против Словенија во Копер. Одлуката за пласманот на Европското првенство ќе падне во мај кога Македонија ѝ гостува на Естонија и ја дочекува Литванија во клучен меч.