Доброволните противпожарни друштва од Македонија, заедно со Територијалната противпожарна единица Штип, в недела (26 април) ќе одржат показна вежба со цел да ја демонстрираат подготвеноста и координацијата при справување со шумски пожари и други непредвидливи ситуации.
Настанот ќе започне во 14:00 часот на локацијата Суитлак, каде граѓаните ќе имаат можност одблиску да видат како изгледа една заедничка и ефикасна акција против огнените стихии. Организатор е Доброволното противпожарно друштво Штип, кое најавува учество на повеќе друштва од државата, меѓу кои од Кочани, Битола, Карбинци, Злеово и Мантово.
Целта на вежбата е не само демонстрација на техниките и опремата, туку и подигнување на јавната свест за значењето на доброволното противпожарство и заштитата на природата. Посебен акцент се става на едукацијата на младите, кои преку вакви активности можат да научат како да се однесуваат во ризични ситуации и да развијат чувство за одговорност и солидарност.
Организаторите упатуваат јавен повик до сите жители на Штип и околината, особено до родителите, да ги донесат своите деца и да бидат дел од овој настан. Пораката е јасна – преку единство, храброст и посветеност се создава посилна и побезбедна заедница.
„Да покажеме што значи доброволноста во акција и да инспирираме нови генерации херои“, порачуваат од ДПД Штип.







