Официјално започна долгоочекуваниот „Shtip Street Food Festival“ на новото шеталиште во Штип. Од 12 часот, сите штандови беа подготвени да понудат богат избор на храна од светската кујна, разни пијалаци и вкусни десерти, во атмосфера збогатена со добра музика и позитивна енергија.
Настанот, кој има за цел да го збогати културно-туристичкиот живот во градот, привлече голем број посетители уште во првите часови.
Градоначалникот Иван Јорданов изјави дека е особено среќен што временските услови дозволија настанот да се реализира според планираното
,,Навистина ми е драго што временските прилики ни дозволија да конечно започне најавениот настан “Shtip Street food Festival” на шеталиштето Ванчо Прќе. Денес и утре ќе биде изложена добра храна. Настанот нема да биде единствен кој ќе ги анимира штипјани, Штипско Културно лето има богата програма, Д фестивалот, пастрмалијадата како еден добар настан, макфест и сл.”, рече Јорданов
Граѓаните велат – конечно нешто убаво после несаканите настани, нешто што го обединува градот. Местото се наполни со смеа, музика и позитивна енергија.
Сите оние кои што денес дојдоа во Штип да понудат вкусна и светска храна, за нашата телевизија истакнаа дека им е особено чест да презентираат нешто нескојдневно и во градот под исарот.
Фестивалот продолжува и во наредните денови – со музика, нови вкусови и програма што ќе го збогати градскиот живот. А штипјани – веќе се радуваат на следното издание.