На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека еден од најзначајните капитални проекти е изградбата на булеварот „Партизанска“, кој ја поврзува општина Штип со општина Карбинци.
„Булеварот ‘Партизанска’ е еден крупен капитален проект кој во минатото често се посочуваше како голема потреба на жителите на Штип. Со негова изградба се поврзуваат двете општини, а веќе кон крајот на месец септември ќе биде комплетно завршен,“ изјави Јорданов.
Градоначалникот додаде дека општината во изминатите четири години покажала значаен напредок во секој сегмент и дека се работи за реализација на потребите на граѓаните.
„Во завршна фаза е и изградбата на обиколницата – уште еден крупен проект кој ќе овозможи растоварување на сообраќајот и подобро поврзување на двата дела од градот. Се трудиме да бидеме сервис на граѓаните, но и на потенцијалните инвеститори преку кои се зголемува буџетот на Општина Штип. Голем дел од започнатите проекти наскоро ќе ги завршиме, ќе ги ставиме во функција, а истовремено веќе планираме и нови вложувања,“ нагласи Јорданов.