4.1 C
Shtip
spot_img

Романтичната Комедија „Анора“ со пет оскари

Независниот филм „Анора“ (Anora) на Шон Бејкер со пет награди Оскар, меѓу кои за најдобар филм и за најдобар режисер, триумфираше на 97. доделување на најпрестижните филмски награди што се одржа синоќа во Лос Анџелес. Романтичната комедија ја прикажува Анора (Ани), млада сексуална придружничка од Бруклин која се запознава и импулсивно се мажи за Вања (Иван), син на руски олигарх. Нејзината бајка е загрозена откако веста ќе стигне до Русија и кога неговите родители тргнуваат за Њујорк за да го поништат бракот.

Филмот ги доби и Оскарите за најдобро оригинално сценарио и монтажа (Шон Бејкер), и на големо изненадување, наградата за најдобра актерка, која отиде во рацете на 26-годишната Мајки Медисон за улогата на Ани во филмот. Американската актерка со Оскарот во раце, видно возбудена и читајќи го својот говор, ѝ оддаде признание на заедницата на сексуалните работници и рече дека ќе продолжи да ги поддржува. „Ова е исполнување на сонот, најверојатно ќе се разбудам утре“, додаде таа. Со овој успех авторот на независни филмови Шон Бејкер беше апсолутен победник, бидејќи дома си отиде со три златни статуетки, земајќи ја наградата и за најдобра режија. „Филмовите треба да се гледаат во киносали, наша задача е да им помогнеме на киносалите“, рече Бејкер во еден од своите говори на сцената.

Што се однесува до актерските награди, во категоријата за најдобар актер, Оскарот го доби Адриен Броди за филмот „Бруталист“ (The Brutalist). Ова е втор Оскар за Броди. „Актерството е кревка професија, иако изгледа гламурозно, а враќањето овде и тоа што можете да го постигнете го докажува тоа. Ова е повеќе од врвот на мојата кариера, и наредните години ќе имам можност да докажам дека сум вреден за ова. Филмот сака да укаже на последиците од војната, да се бориме за она што е правилно, омразата не смее да надвладее“, рече Броди посочувајќи и на зголемениот антисемитизам и расизам. Тој во оваа категорија се натпреваруваше со Ралф Фајнс (Конклава), Тимоти Шаламе (Целосно непознат – A Complete Unknown), Колман Доминго (Синг Синг) и Себастијан Стан (Приправник – The Apprentice).

Наградата за најдобра споредна женска улога очекувано отиде кај Зое Салдана за филмот „Емилија Перез“. „Јас сум гордо дете на родители кои се имигранти“, рече Салдана држејќи ја наградата во раце и ѝ го посвети Оскарот на баба ѝ. Се заблагодари на американската Академија за филмски уметности и науки дека со доделување на признанието го препознале хероизмот на моќните жени.

Актерот Киран Калкин, пак, за „Вистинска болка“ (A Real Pain) ја доби златната статуетка за најдобра споредна машка улога. Кажа дека со жена си се договориле дека ако добие Оскар ќе имаат четврто дете. „Без притисок“, ѝ рече Калкин. Тој во оваа категорија ги победи Гај Пирс (Бруталист), Јура Борисов (Анора), Едвард Нортон (Целосно непознат) и Џереми Стронг (Приправник).

Од останатите категории, Оскарот за кинематографија го доби „Бруталист“, за костимографија, но и за сценографија (продукциски дизајн) – „Злобница“ (Wicked), а за шминка и фризура – филмот „Супстанција“ (The Substance). Наградата за адаптирано сценарио отиде кај „Конклава“. Филмот на Дени Вилнев „Дина: Втор дел“, пак, доби два Оскари – за звук и за визуелни ефекти.

Со признанието за најдобар анимиран долгометражен филм се закити латвискиот „Поплава“ (Flow), а за анимиран краток, иранскиот „Во сенката на чемпресот“ (In the Shadow of the Cypress). „До вчера немавме виза за да дојдеме и бевме разочарани, а сега стоиме овде со оваа статуетка во раце. Ова е чудо“, рекоа авторите на овој филм. За најдобар краток документарец беше прогласен „Единствената девојка во оркестарот“ (The Only Girl in the Orchestra), а за долгометражен документарец – „Нема друга земја“ (No Other Land). Палестинско – израелските активисти, автори на овој филм – повикаа на правда, слобода и мир за двата народа.

Наградата за најдобар интернационален филм отиде кај бразилскиот „Сè уште сум тука“ (I`m still here), а „Не сум робот“ (I’m Not a Robot) беше прогласен за најдобар краток филм. Во категоријата најдобра песна победи „Ел Мал“ (El Mal) за остварувањето „Емилија Перез“, а Оскарот за најдобра музика (саундтрак) го доби филмот „Бруталист“.

Инаку, мјузиклот на Нетфликс за транс наркобосот во Мексико „Емилија Перез“, кој иако водеше со 13 номинации, беше најголем губитник на свеченоста на доделувањето за Оскарите, бидејќи доби само две награди. Иако фаворитка во категоријата најдобра актерка, Деми Мур за нејзината улога во „Супстанција“, што ѝ беше прва номинација, вечерта од Оскарите си отиде со празни раце, што некои го означија како една од најголемите неправди.  (Н.И.Т.)

━ повеќе содржини

Ордан Зарински од Штип е добитник на стан во Скопје од инстант лозот на Државна лотарија

Стан во Скопје од инстант лозот „Доме сладок доме“ за Ордан Зарински од Штип Ордан Зарински од Штип освои стан во Скопје од инстант лозот...

За прв пат во Штип: Вински салон-фестивал! Спој на квалитетна капка вино, отменост, елеганција…

На 21.март годинава, Штип за прв пат ќе биде домаќин на еден настан посветен на винската култура. По пандан на големите европски метрополи, Штип...

Во тек се пријавите за второто издание на „Вардиште Траил“ во Штип

На 29 март ќе се одржи второто издание на „Вардиште Траил“ во Сончев Град во Штип, а во организација на клубот Ултра. Во тек...

Владата ја поздрави инвестицијата на „Актива Штип“ во нови производствени капацитети

Новите инвестиции во производствените капацитети на компанијата „Актива Штип“ носат значајна додадена вредност за македонската и локалната економија, беше истакнато при посетата на фабриката,...

Девојките од ОК Младост УГД газат сѐ пред себе

"Повторно голема победа од 3:1 против ланскиот шампион Јанта Волеј од Скопје! Денес одбележавме посебен резултат за нашиот клуб – пласман во завршниот турнир на...
spot_img