Кристијан Панов, 20-годишен од Кочани и прв сведок на Обвинителството, на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ изјави дека повремено работел како келнер за дневница од 1.500 денари, а неговиот брат Андреј како шанкер за 2.000 денари, без да бидат пријавени. Тој сведочеше дека пред трагедијата се користеле вртечки запалени факели, дека имало само еден влез и дека во објектот имало и малолетници, додека полиција не забележал. Панов потврди дека обвинетиот Тодор Јованов ги продавал билетите, вклучително и за концертот на групата ДНК. Во моментот кога избувнал пожарот, сведокот бил надвор, а потоа настанало стампедо при излегувањето. Тој изјави дека се вратил внатре да го бара братот и дека го пронашол легнат кај вратата, препознавајќи го по тетоважите. Андреј бил пренесен во болница, но обидите за реанимација биле безуспешни. По сведочењето на Панов, судот повика уште четворица сведоци.







