Двајца од најголемите боксери во историјата, Мајк Тајсон и Флојд Мејведер Џуниор, официјално ќе се соочат во спектакуларен експонициски меч закажан за 25 април 2026 година во Киншаса, главниот град на Демократска Република Конго.

Настанот предизвика огромно светско внимание, особено поради симболиката на локацијата. Киншаса е град со историско значење за боксот, познат по легендарниот меч „Rumble in the Jungle“ од 1974 година. Организаторите најавуваат спектакл кој повторно ќе ја стави Африка во центарот на светската боксерска сцена.
Иако станува збор за ревијален, односно exhibition меч, кој нема да влијае на официјалните професионални рекорди, интересот е огромен. Мејведер, кој ја заврши кариерата непоразен со скор 50-0, има 48 години и зад себе бројни комерцијални настапи. Од другата страна е Тајсон, поранешен апсолутен шампион во тешка категорија, кој на 59 години повторно ќе влезе во рингот.
Разликата во тежинските категории е значителна. Тајсон во своите најдобри години беше доминантен тешкаш познат по моќните нокаути и агресивниот стил, додека Мејведер е препознатлив по извонредната одбрана, брзината и тактичката интелигенција. Судирот на овие два сосема различни стила е главната причина поради која овој меч се нарекува спектакл на деценијата.
Без разлика на исходот, едно е сигурно – светот повторно ќе биде сведок на историски дуел меѓу две имиња што засекогаш го одбележаа боксот.







