Филмот е социјална трилер-комедија за брат и сестра што крадат бисти низ Скопје, при што се отвораат теми за сестринска љубов и саможртва, самотија, сиромаштија, корупција и ментално здравје.
Ова е филм за сестринска љубов и саможртва, за богати и сиромашни, за добри и лоши, за слепи и окати. Филм за тоа како живееме, како се смееме и како умираме“ – изјави Манчевски на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека со оваа екипа и глумци се чувствува како со вистински рамноправни партнери во создавање парче уметност.
Во главните улоги се Сара Климоска и Филип Трајковиќ како Малина и Виктор – сестра и брат со комплексни карактери. Во актерската екипа се и Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Дејан Лилиќ, Јордан Симонов, Јасмина Василева и други.
Дизајнерот на продукција Дејвид Манс, вели дека избраните локации низ Скопје за овој филм ја отсликуваат визуелната структура на градот, но и социјалните слоеви, контрастот меѓу животот на сиромашните и оној на богатите.
Во срцето на приказната се ликовите и односите меѓу нив — сестра/брат, мајка/син, оние што имаат и оние што немаат, тие што имаат моќ и тие што се немоќни. Сето ова е вградeно во сценографскиот дизајн на филмот, кој служи како визуелен израз на приказната, додаде Манс.
Филмот ќе се снима со меѓународна екипа, на локации низ и околу Скопје, вклучително и кај Аквадуктот, за кој продуцентот Јане Ќортошев вели дека е „нашата Копакабана“.
Проектот доби поддршка и од национални и приватни фондови и институции од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија