16.2 C
Shtip
spot_img

Денес е Светски ден на предвремено родените деца: 13,4 милиони бебиња во светот и околу 3.000 во Македонија секоја година се борат за живот

Според Светската здравствена организација, околу 13,4 милиони бебиња се раѓаат предвремено секоја година, што е едно од десет новородени деца во светот. Во Европа, бројката достигнува околу половина милион годишно, додека во Македонија се раѓаат приближно 3.000 предвремено родени бебиња – околу осум секој ден.

Каја е родена шест недели порано, со тежина од одвај 1.800 грама. Нејзината сестра близначка „цели 300 грама“ повеќе. Првите денови од животот ги поминала во инкубатор, тешко прилагодувајќи се на средината. Секој ден за неа е предизвик. Се храни тешко, се бори со инфекции, се приспособува уште потешко, но не се откажува. Инкубаторот е голем за неа и го дели со нејзината сестра. Предизвик е и за нејзиното семејство. Првите денови се најтешки. Потоа првите недели… Конечно е дома, но борбата продолжува. Таа е предвреме родено бебе кое бара посебна нега. Посебна храна, посебен начин на исхрана. Нејзините алишта се мали, пелените и се големи…Секој ден е нов предизвик кој таа го поминува. Каја е едно од 13.4 милиони бебиња во светот кои секоја година се раѓаат предвреме. Едно од десет. Bистински борци вистински борци кои својата животна битка ја започнуваат многу порано од другите, со предизвици што понекогаш ни возрасните тешко би ги издржале. Секој нивни здив, секој грам што ќе го добијат, секој мал напредок е победа вредна за славење. ие се жив доказ дека чудата постојат — и дека најмалите срца чукаат со најголема храброст.

Токму затоа, 17 ноември Светскиот ден на предвремено родените деца, им е посветен ним, на најмалите, но најхрабрите меѓу нас. На бебињата кои со својата сила инспирираат цели семејства, медицински тимови и заедници. Овој ден е потсетник дека секое од овие деца заслужува еднаква шанса, грижа, љубов и поддршка за да го оствари својот целосен потенцијал.

Секој 17 ноември светот го одбележува денот посветен на подигнување на јавната свест за една од најзначајните глобални здравствени теми. Предвременото раѓање, кое ги опфаќа сите породувања пред навршени 37 недели од бременоста, претставува водечка причина за неонатален морталитет и долгорочни здравствени последици.

Според Светската здравствена организација, околу 13,4 милиони бебиња се раѓаат предвремено секоја година, што е едно од десет новородени деца во светот. Во Европа, бројката достигнува околу половина милион годишно, додека во Македонија се раѓаат приближно 3.000 предвремено родени бебиња – околу осум секој ден.

Предвременото породување- причини, ризици и последици

Причините за предвременото раѓање се разновидни и често меѓусебно поврзани. Меѓу најзначајните се медицински фактори како инфекции кај мајката, хронични заболувања, хипертензија, дијабетес и предеклампсија. Ризикот е зголемен и кај близначките бремености, како и кај жени со ограничен пристап до квалитетна пренатална нега поради социјални и економски бариери. Одредени медицински интервенции – како индукција на породување или царски рез пред 37. недела – понекогаш се неопходни и водат кон предвремено раѓање, а генетските фактори исто така играат улога, иако често остануваат недоволно разјаснети.

Предвременото раѓање носи со себе бројни здравствени, психолошки и социјални последици. Компликации како респираторен дистрес, инфекции, хипотермија и потреба за интензивна нега се чести. Според СЗО, околу 900.000 деца годишно умираат поради компликации поврзани со прематуритет. Дури и кога преживуваат, предвремено родените деца се со зголемен ризик за развојни потешкотии, проблеми со слух, вид, моторика или долгогодишни хронични состојби. Значајни се и разликите во преживување – бебињата родени во земји со висок доход имаат далеку поголеми шанси за преживување и добар развој, додека во ниско-доходовните земји преживувањето на екстремно предвремено родените деца е драматично пониско.

Во Европа, стапките на прематуритет варираат меѓу 5% и 11%, но пристапот до нега генерално е квалитетен.

Родителите на предвремено родени деца се соочуваат со голем емоционален стрес: неизвесност, финансиски товар, страв и потреба од долготрајна поддршка. Затоа, психосоцијалната помош, групите за поддршка, едукацијата и партнерскиот однос меѓу родителите и медицинските тимови се клучни.

Што можат здравствените системи да направат? Најважно е подобрување на пренаталната грижа, раното откривање ризици и редовни контроли. Потребни се инвестиции во опрема, стручен кадар, модерни NICU одделенија и континуирана едукација. ЛУЛКА – Здружение за грижа и едукација на бремените жени, мајки и деца. повикува и на поголема поддршка за семејствата, како и на фокус кон регионалните и социјалните нееднаквости. Светскиот ден на прематуритетот потсетува дека грижата мора да биде и за преживување и за подобар квалитет на живот.

Во интервју за Лулка, д-р Силвана Наунова Тимовска – еминентен неонатолог и претседател на Здружението на неонатолози на Македонија – дава свој професионален и личен осврт на развојот на неонатологијата, предизвиците и потребата од заедништво. Таа нагласува дека предвременото раѓање не е само медицински настан, туку комплексен процес што ги зафаќа сите аспекти на животот на семејството. Според неа, „иднината на неонатолошката грижа во земјата зависи од заедничките напори“, при што важна улога има Здружението на неонатолози, кое се фокусира на континуирана едукација, стандардизација на протоколите, воспоставување национален регистар на предвремено родени деца, менторство за млади лекари и зајакнување на поврзаноста со родителските здруженија и невладиниот сектор.

Според д-р Денис Ал Кхалили, претседател на Лулка, неонаталната нега мора да остане приоритет на здравствените системи.

„Откако Светската здравствена организација конечно го препозна предвременото породување како значаен јавно-здравствен проблем кој бара сериозен пристап, 17 ноември денес се слави како вистински празник ширум светот. Лулка го одбележува овој ден уште од самиот почеток на глобалната иницијатива – најпрво скромно, со еден текст и соопштение до јавноста, а подоцна – со поголем интензитет и повпечатливи настани…”, вели д-р Ал Кхалили. Тој додава дека Лулка како дел од глобалната мрежа GFCNI има придонесено во креирање стандарди за нега, кои веќе се применуваат во многу европски земји.

Предизвиците во земјава

Во однос на напредокот, д-р Ал Кхалили истакнува: „Состојбата со неонатологијата во Македонија бележи огромен напредок, документиран и во извештаите на СЗО – благодарение на подобрената опрема, обучениот медицински кадар и унапредената комуникација со трудниците и родителите.“ Но, и покрај напредокот, остануваат предизвици. „Најголемите предизвици со кои се соочуваме се недостаток на опрема и кадар, потреба од континуирана едукација и усогласување со современите стандарди. И покрај тоа, денес преживуваат и бебиња родени со екстремно мала гестациска возраст,“ појаснува тој во интервјуто за Лулка.

Најмалото преживеано бебе во светот – „Saybie“

Еден од најпознатите случаи на екстремен прематуритет е девојчето „Saybie“, родено во Сан Диего, со тежина од само 245 грама и на 23 недели и 3 дена гестациска возраст. Според Tiniest Babies Registry, таа е најмалото преживеано бебе во светот. Нејзиниот опстанок се смета за вистинско медицинско чудо и симбол на напредокот во неонаталната грижа.

Јапонски случај – бебе од 289 грама кое прослави 20-ти роденден

Во Јапонија е регистриран случај на бебе родено со 289 грама на само 23 недели, кое не само што преживеало, туку по две децении го прославило својот 20-ти роденден. Овој пример е чест доказ дека со напредна нега и континуирана поддршка, екстремно предвремено родените деца можат да водат целосно здрав и активен живот.

Најпрематурното преживеано бебе – Неш Кин (21 недела, САД)

Неш Кин, роден во Алабама на само 21 недела од бременоста и тежок околу 285 грама, е најпрематурното преживеано новороденче според гестациска возраст. И покрај минималните шанси, тој успеал да преживее благодарение на интензивна неонатална грижа и неверојатната отпорност што ја покажал уште од првиот ден.

Еден од најмалите преживеани случаи во Македонија – бебе од 600 грама

Најмалото преживенао предвреме родено бебе во земјава имало само 600 грама и е родено во 24-та недела. Со современа неонатална грижа и огромна посветеност на медицинскиот тим, ова бебе успеа да ја добие својата прва голема животна битка , потврдувајќи дека и кај нас се постигнува значаен напредок во грижата за најмалите пациенти.

Светскиот ден на предвремено родените деца не е само датум на календар – тој е потсетник дека секое дете заслужува шанса. Предвременото раѓање е глобален предизвик, но решенијата се возможни преку здружени напори, современа здравствена политика, едукација и човечка поддршка. Со заедничка работа на здравствените системи, организациите, институциите и семејствата, можеме да создадеме подобра иднина за најмалите и најчувствителните пациенти – предвремено родените деца.

━ повеќе содржини

ОК Штип УГД во среда го игра реваншот во Challenge Cup против норвешки Кол Ил

Одбојкарскиот клуб Штип УГД во среда (19/11) на домашен терен ќе го одигра возвратниот меч од Челинџ Купот против претставникот од Осло - Кол...

Кина ја отвори првата фабрика за возила што летаат!

Кинеската компанија XPENG Aridge започна пробно производство во својата фабрика во Гуангжу, отворајќи ја првата линија за масовно производство на летачки автомобили во светот....

Објаснето од експерт – Зошто многу луѓе се будат околу три часот наутро

Многу луѓе се будат околу три часот во текот на ноќта. Неврологот ги навел можните причини зошто се случува ова и открил како да...

Диета со грозје е најдобриот метод за вишок килограми во есен

Точно е дека многу професионалци велат да внимаваме со овој плод, бидејќи содржи многу шеќер, но тоа е диетално во одредена количина и во...

На денешен ден е роден Зоран Шоров, еден од најуспешните македонски борачи на сите времиња

Зоран Шоров е роден во Штип на 17 ноември 1961 година. Тој е македонски борач, член на БК Балканец од Штип и државен репрезентативец....
spot_img