Ромите се најголемата малцинска заедница во Европа – со 6 милиони што живеат во ЕУ и 4 милиони во регионот на проширување (Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција, Украина, Молдавија и Грузија). Светската ромска унија и Советот на Европа проценуваат дека има околу 400.000 Роми кои живеат во Украина. Ромската заедница долго време се соочува со нееднаквости, социјална исклученост, дискриминација и маргинализација. 80% од Ромите се во опасност од сиромаштија, споредено со просечниот ризик од 17% во ЕУ.
Меѓународниот ден на Ромите, кој се одбележува на 8 април, претставува важен глобален датум посветен на ромската култура, историја и идентитет, но и на предизвиците со кои оваа заедница сè уште се соочува. Во 2026 година, одбележувањето повторно ја става во фокус потребата од еднакви можности, борба против дискриминацијата и поголема социјална инклузија и на светско ниво и во национални рамки, вклучително и во Македонија.
Денот службено бил прогласен во 1990 година во Сероцк, Полска, местото каде што се одржал четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија во спомен на првата поголема меѓународна средба на ромските претставници кој бил одржан во Чесфилд крај Лондон од 7 до 12 април 1971 година. На тој конгрес била донесена одлука за ромската химна за која била избрана песната Ѓелем, ѓелем (ромски): „Одев, одев“ и одлука за знамето за кое била одбрана сино-зелена двобојка со црвена точка во средината, симбол на напредокот и движењето, но и миграција на Ромите во текот на историјата.







