Се нормализира водоснабдувањето во градот Штип. Поголем дел од штипските населби имаат вода за пиење, освен граѓаните кои што живеат во повисоките зони на градот.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов појаснува дека во текот на денот ќе има нормално водоснабдување на градот и приградските населби.
Вчера, поради висока матност на водата која доаѓа преку цевководот од ХС „Злетовица“ беше исклучена Филтер станица, која ја преработува водата и се дистрибуира низ водоводниот систем.
Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски на вчерашната вонредна прес-конференција појасни дека исклучувањето на Филтер станицата е поради невремето во Пробиштипскиот регион, кое предизвика заматеност на водата од ХС „Злетовица“. Но, откако се намали матноста штипската Филтер станица беше повторно вклучена за да ја преработува водата за пиење.







