Македонскиот рапер Христијан Тасковски, познат како Таско, на неверојатен начин му оддаде почит на Владимир Блажев – Панчо, кој трагично го загуби животот по неколкумесечна борба со повредите од стравотниот пожар во Кочани. Таско одлучи да направи спомен на своето пријателство со Панчо од „ДНК“, па на ногата си го истетовира неговиот лик.
Следбениците на социјалните мрежи го поздравија овој гест, кој дефинитивно е неочекуван и редок меѓу колегите на сцената.
Раперот покажа дека пријателството со Панчо му значи премногу и сакаше да го овековечи на посебен начин, а оваа тетоважа е јасен симбол на нивната блиска врска и меѓусебна почит.
За потсетување, Панчо почина по долга и тешка битка со повредите здобиени во страшниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март 2025 година и во кој животот го загубија 63 лица, меѓу нив и неговиот долгогодишен музички партнер Андреја Ѓорѓиески – Андреј. Според информациите од болницата „Аџибадем Систина“ за „Слободен печат“, каде што се лекуваше, Панчо починал во утринските часови на 14 октомври, седум месеци по трагедијата.
Панчо ќе остане запаметен како уметник со големо срце, како човек кој преку музиката умееше да обединува генерации, да ги претвора емоциите во стихови и да допре до секој еден кој некогаш слушнал за песните од „ДНК“. Неговата кариера беше симбол на посветеност, талент и искреност, а неговото наследство ќе живее во песните што ги создаваше со љубов и верба во уметноста.







