“Во врска со информациите и коментарите кои се појавија на социјалните мрежи во однос на пациентка која по извршен царски рез развила невролошки симптоми, јас како директор на Клиничка болница Штип ја информирам јавноста за следното:
Пациентката била породена со царски рез, постоперативниот тек бил уреден и била испишана во добра општа состојба. По извесен временски период по отпустот, таа се јавила во регионална болница со изразена слабост на долните екстремитети. Во рамките на понатамошното дијагностицирање е утврдена промена во спиналниот канал на високо торакално ниво.
Анатомски промената не се наоѓа во регијата каде што се аплицира спиналната анестезија, која се изведува во лумбалниот дел на ’рбетниот столб. Поради тоа, ваквата промена, според мене, не може да се поврзе со апликацијата на спинална анестезија при царскиот рез.
Клиничка болница Штип останува целосно посветена на стручно, одговорно и транспарентно информирање на јавноста. Апелирам да не се шират непроверени информации кои можат да предизвикаат неоправдана вознемиреност кај пациентите и нивните семејства, како и недоверба во здравствените работници.
Нашите стручни тимови продолжуваат да постапуваат согласно современите медицински протоколи и стандарди, што ни овозможува нашата ситуација.
Воедно, упатувам апел до сите медиуми, новинари, мои колеги, колеги лекари експерти, здруженија и други јавни чинители да не објавуваат и пренесуваат непроверени информации и однапред да не носат заклучоци за постоење на лекарска грешка, пред да заврши целокупната стручна и институционална постапка. Доколку надлежните институции утврдат дека во конкретниот случај нема лекарска грешка, очекувам истата професионална одговорност да се покаже и преку јавно коригирање на неточните информации и извинување кон лекарскиот персонал чиј професионален интегритет бил нарушен со овие обвинувања.
Според добиени информации, ќе се формира стручен тим, и ако се уточни лекарска грешка, ветувам дека ќе има одговорност од персоналот и од мене како директор.” – изјави директорот на КБ Штип Владко Захариев на социјалната мрежа Фејсбук.
Министерството за здравство и ДСЗИ од денес ќе вршат вонреден надзор во болницата околу случајот. Министерството за здравство соопшти дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), по налог на министерот Сашо Клековски, спроведува вонреден инспекциски надзор во Општата болница Струмица, Клиничката болница Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, каде што се лекувала 19-годишната пациентка.
Во наредните денови ќе биде прибрана целокупната медицинска документација од трите здравствени установи, по што ќе бидат изготвени заклучоците од стручниот надзор. Доколку се утврдат пропусти, Министерството најавува дека ќе бидат преземени соодветни мерки.
Од Министерството посочуваат дека ќе бидат заштитени достоинството, приватноста и личните и медицинските податоци на пациентката, а апелираат до јавноста и медиумите да се воздржат од шпекулации и предвремени заклучоци додека траат постапките. Воедно, повикуваат да се почитува достоинството на здравствените работници, нагласувајќи дека евентуалната одговорност може да се утврди единствено по завршувањето на стручниот надзор.
Случајот се однесува на 19-годишна пациентка од струмичкото село Баница, која по царски рез изведен во Клиничката болница во Штип останала со параплегија и се движи со инвалидска количка.
Министерството за здравство најави дека по завршувањето на надзорите транспарентно ќе ја информира јавноста за утврдените факти и за понатамошните чекори.







