Кикбокс клубот Гладијатор Фајт од Штип под водство на тренерот Шенол Асанов постојано носи медали и пехари од големи меѓународни натпреварувања, а младите спортистки Антонија Тасева, Леонтина Миткова и Петра Долдурова носат медали од секое натпреварување.
Антонија Тасева во краток период освои три медали, бронза на Балканското првенство во Нови Сад, а злато и сребро на „Гранд При Сараево“ во Босна и Херцеговина.
„Јас претходната недела се борев во Нови Сад, Србија каде што успеав да се пласирам со трето место. Подготовките беа тешки бидејќи имавме цела недела тренинзи имавме и сабота, а понекогаш и недела и тоа покажа резултат да се пласирам на третото место“, вели Тасева.
Иако периодот за подготовки од Балканското првенство во Нови Сад до Гранд При Сараево бил краток, сепак Тасева успеа да освои сребро и злато. Тасева за М Нет телевизија вели дека конкуренцијата на Балканското првенство била потешка.
Петра Долдурова од Сараево во Штип се врати со сребрен медал, вели дека е задоволна од овој резултат, а дополнува дека подготовките биле тешки, а резултатот е потврда за тоа.
Патот да се стигне до злато бил тешок, вака опишува Леонтина Миткова која на Град При Сараево се закити со златно одличије.
Антонија Тасева, Петра Долдурова и Леонтина Миткова уште еднаш потврдија дека одлично напредуваат и постојано носат медали и пехари од големите натпреварувања, Штип како град на спорт може да биде горд на овие млади спортистки, кои достојно го претставуваат градот под Исарот, но и Македонија на меѓународната сцена.
Превземено од Мнет Тв







