По 35 пат и оваа година традиционално ќе се запали василичарскиот оган во населбата Железничка во Штип. Манифестацијата се органзира секоја година по ред по повод големиот христијански празник Василиј Велики. Активностите започнуваат во 18:30 часот кога и ќе се отвори манифестацијата, по што ќе се пристапи кон кршењето на славскиот колач и палењето на сурврскиот оган.
„По повод големиот христијански празник Василиј Велики секоја година на Железничка станица ние палиме сурварски оган кој е по 35 пат оваа година. Во 18:30 часот ќе биде отворањето на програмата, во 18:50 ќе биде кршењето на славската погача, а во 19 часот ќе се запали Сурварскиот оган“ – вели Михаилов.
Топла ракија и чај, лепче со паричка и музика е предвидено и оваа година со цел одбележување на празникот и продолжување на вековната традиција. Како и секоја година ќе присуствуваат преставници од Владата, Локалната самоупрва, политички партии. Покана се упати до сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и да бидат дел од манифестацијата по повод одбележување на празникот Василица.
„Ги повикуваме сите граѓани да не удостојат и да присуствуваат на настанот. Ќе има преставници од Влада, ќе биде Стефан Андонов, и Драган Ковачки. Ќе има топол чај и ракија, со цел одбележување на манифестацијата и продолжување на традицијата“ – додава Михаилов.
Секоја година се дели лепче со паричка и се бира кум. Традицијата на Железничка се негува повеќе од три децении и се пренесува од генерација на генерација.







