5.5 C
Shtip
spot_img

Не јадете ако не сте сигурни! Кои печурки во Македонија се најотровни, кога да се јавите на лекар?

Што треба прво да направите кога ќе јадете печурки и ќе почувствувате мачнина, објаснуваат проф. д-р Жанина Переска од Универзитетската клиника за токсикологија и д-р Катерина Русевска, редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје

Никогаш не јадете печурки ако не сте 100 отсто сигурни дека се јадливи, вели д-р Жанина Переска од Универзитетската клиника за токсикологија и вонреден професор на Катедрата за интерна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје. Вкупно 15 пациенти кои јаделе берени печурки во последните три месеци биле хоспитализирани на Клиниката за токсикологија, меѓу нив и едно тричлено семејство со 13-годишно дете.

Што треба прво да направите кога ќе јадете печурки и ќе почувствувате мачнина, кога труењето е смртоносно, кои печурки во Македонија се најотровни, објаснуваат за Умно.мк Переска и д-р Катерина Русевска, редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Есенскиот период традиционално е време кога дивите печурки се појавуваат во изобилие, па нивната употреба како деликатес има долга гастрономска традиција секаде и во Македонија. Но, покрај кулинарската привлечност, постои и медицински ризик од отровни печурки, во медицината познат како мицетизам, вели Переска.

– Во последните три месеци на Клиниката за токсикологија хоспитализиравме 15 пациенти поради консумација на берени печурки, меѓу кои и едно тричлено семејство со 13-годишно дете кое беше хоспитализирано на Клиниката за детски болести. Имавме и 9 телефонски консултации поврзани со сомнеж или акутен третман на мицетизам. Последниот случај, третиран во ноември-декември оваа година, беше пациент со тешко оштетување на црниот дроб и бубрезите. Со примена на сите достапни терапевтски модалитети и отежната набавка на парентерална форма на еден од антидотите, успеавме и пациентот целосно закрепна – вели Переска.

Кои печурки се најотровни

Според Русевска, во Македонија може да се најдат различни видови печурки, меѓу кои и најотровниот вид, кој се нарекува зелена пупавка (Amanita phalloides), но и други смртоносно отровни видови од истиот родот (пупавки), на пример белите пупавки (Amanita verna и A. virosa), но и други отровни видови како што е пантерката (A. pantherina), мувоморката (A. muscaria). Покрај наведените видови од родот на пупавките, се среќаваат и видови од други родови – Cortinarius, Entoloma, Galerina, Gyromitra и други.

Amanita muscaria / Фото: Кристијан Јакимовски

– Од досегашните истражувања, во Македонија се регистрирани околу 100 вида на отровни видови габи. Нивната токсичност зависи од составот на хемиските компоненти кои ги содржи одреден вид, независно од надворешните услови во кои расте. Одредени фактори од животната средина, на пример загадувањето на почвата, влијаат на присуството на тешки метали кои габите ги апсорбираат. Затоа не се препорачува консумирање и на јадливи печурки од загадена средина. Како и секоја храна која ја јадеме, влијаат и други услови. Па така премногу стари или видови на кои почнуваат да се развиваат мувли, не се консумираат – вели Русевска.

Во однос на габите, Македонија се одликува со големо видово разнообразие. Тоа се должи пред сè на вегетациските и климатските услови, географската местоположба, типот на почви и друго, поради што е позната како „жешка“ точка или жариште за биодиверзитет.

Amanita Pantherina / Фото: Катерина Русевска

– Огромното видово разнообразие е присутно и кај царството на габите. Кај нас досега се регистрирани околу 2.000 видови од групата на столпчести габи (Basidiomycota), во која припаѓаат и печурките; околу 200 видови од групата на торбестите габи (Ascomycota), од кои ќе ги споменеме тартуфите и смрчките (како видови кои се јадат) и околу 500 видови лишаи. Малиот број претставници од последните две групи се должи на нивната недоволна истраженост во Македонија, што е резултат пред сè на недостаток на стручен кадар (имајќи го предвид и богатството на габи присутно во Македонија), од микроскопи за истражувачки цели, современа стручна литература и финансиска поддршка од државата – вели Русевска.

Кои се симптомите на труење, по колку часа се јавуваат?

Переска објаснува дека симптомите на труење зависат од видот на печурките и токсините кои ги содржат. Генерално, постојат два главни клинички профила што се среќаваат во Македонија – рано и доцно јавување на клиничката слика.

Рано јавување е 1 до 6 часа откако пациентот јадел печурки. Се манифестираат како гастроентероколитис (гастроинтестинални токсини кои предизвикуваат мачнина, повраќање, дијареја, болки во стомакот, потење, дехидратација и општа слабост) или како невролошки синдром (невротоксини со афинитет кон централниот нервен систем – мозокот. Тие се манифестираат со психотична клиничка слика: главоболки, вртоглавици, заматен вид, повраќање, промена во однесувањето, халуцинации или со конвулзии).

Фото: Клиника за токсикологија

– Тука спаѓаат и труења кога човекот јадел отровни печурки, а потоа пиел алкохол. Оваа клиничка слика се нарекува Реакција слична на дисулфирам. Ја предизвикуваат видови што содржат коприн, како што е Coprinus atramentarius (мастиловка). Пациентот има главоболка, гадење, повраќање, црвенило, тахикардија и ретко хипотензија. Ова се случува само ако алкохолот се внесе неколку часа до неколку дена после консумирањето печурки што содржат коприн. Истовремена ингестија на алкохол и токсин доведува до послаби ефекти или без ефекти поради побавниот метаболизам на копринот до неговите токсични метаболити. Овие типови на труење од печурки не завршуваат лошо – објаснува Переска.

Ова се тешките случаи

Симптомите се манифестираат од 6 до 24 или повеќе часови после консумацијата на печурки. Ова е опасната група, вообичаена за аманитинските токсини (во литературата опишани од печурките Amanita, Lepiota, Galerina) и има потенцијал да доведе до смртен исход.

– По почетните симптоми може еден до два дена да има привидно подобрување, а потоа настапуваат лабораториски и клинички знаци за тешко оштетување на црниот дроб, нарушувања на коагулацијата со склоност кон системски крварења и развој на бубрежна слабост до престанок на мокрење. Овој период на привидно подобрување во клиничката слика може пациентите често да ги доведе во заблуда дека „поминала опасноста“ и да не побараат на време специјалистичка медицинска помош. Друга форма се токсините кои изразено делуваат на бубрезите. Симптомите на бубрежна слабост се јавуваат дури после една до две недели од труењето – вели Переска.

Amanita-caesarea (лево) и Amanita muscaria (десно)

Таа е децидна дека најважно е пациентите веднаш да побараат медицинска помош, а самолекување или одлагање е сериозна грешка.

– Секое одложување ја намалува ефикасноста на терапијата. Ова особено се однесува на труењата што предизвикуваат оштетување на црниот дроб. Од голема помош за нас е пациентот да донесе примерок од печурките (ако го има). Специјализиран миколог го идентификува примерокот, а тоа е потребно за да се направи комплетна дијагностика на проблемот. Така е секаде во светот. Од голема полза е пациентот да каже кога и колку печурки изле за д асе дефинира синдромот и потенцијалната прогноза и да појасни дали и други лица јаделе од истите печурки – објаснува Переска.

Со кои печурки се прават најголеми грешки?

Русевска вели дека видови габи што се јадат се: јајчарката (позната и како царска габа), некои вргањи (летниот, црниот), лисичарката, портокаловата млечка, црната труба, смрчките, тартуфите и други комерцијални видови габи. Се собираат и сончарки, шампињони, самивилско оро, волчјо лепче и други печурки.

– Најголемите грешки настануваат со т.н. двојници на јадливите печурки. Недоволно искусни собирачи може да направат грешка при препознавањето на шампањон (Agaricus) и наместо него да соберат примероци од зелена или бела пупавка. Иако овие видови имаат јасни разлика кај зрелите печурки, грешките настануваат при недоволно внимание – објаснува Русевска.

Според неа, шампињоните се одликуваат со бела до кремаво бела боја на чадорчето, бледо-розеви до светло или темнокафеави ливчиња (ламели) и присуство на прстенче, додека некои од отровните пупавки (зелената и белите) имаат бледо-зелена до светло жолтеникаво зелена боја на шапката, бели ливчиња, прстенче и присуство на чорапче (волва) во основата на дршката.

– Грешката со пупавките настанува кога собирачите мислат дека се работи за млади шампињони (чии ливчиња се бледорозови), но не обрнуваат внимание на долниот дел од дршката, која кај пупавките има чорапче. Лисичарката (Cantharellus cibarius) која е јадлива, недоволно искусните собирачи на печурки, може да ја заменат со заводничката (Omphalotus olearius), која за разлика од лисичарката расте на пенушки или распаднато дрво. Грешката настанува кога дрвото е гнило и речиси распаднато, па изгледа дека расте привидно на почва. Друг пример е со непрепознавањето на царската габа (јајчарката) и мувоморката. Грешката настанува кога белите лушпи (присутни кај мувоморката) се измиени од дожд, па собирачите мислат дека е јајчарка. Но овие видови се разликуваат и по други карактеристики, а најлесно препознатлива е бојата на ливчињата, кои кај јајчарката се жолти, а кај мувоморката се бели – вели Русевска.

Има ризична категорија или печурките се еднакво опасни за сите?

Според Переска, токсините од печурките се опасни за сите луѓе и делуваат подеднакво. Доволно е да изедете една отровна печурка која ги содржи токсините амантини за да настапи смрт. Сепак, тешки компликации лекарите почесто гледаат кај: деца (поради помала телесна маса и мала количина на токсин достигнува висока концентрација), постари лица (со придружни интернистички заболувања и напредната возраст кои го намалуваат детоксикациониот капацитет на организмот), бремени жени и кај пациенти со болести и намалена функција на црниот дроб или бубрезите

– Кај нив интоксикациите често напредуваат побрзо и имаат полоша прогноза и потежок клинички тек. Лекувањето на пациентите со мицетизам со рано јавување на клиничка слика е симптоматско и опфаќа медицински јаглен, рехидратација, а зависно од видот на печурки со невролошки токсини се вклучува и пиридоксин и/или бензодијазпини или атропин – вели Переска.

Omphalotus olearius / Фото: Катерина Русевска

Лекувањето на труење од печурки со доцна појава на клиничка слика и црнодробна токсичност вклучува неколку фази. Раната терапевтска интервенција опфаќа деконтаминација со употреба на поголеми и повторувани дози на активен (медицински) јаглен, соодветна интравенска рехидратација со корекција на електролити. Според Переска, специфичната терапија опфаќа употреба на вонтелесна елиминација со дијализни техники и употреба на специфични антидоти како силибинин (кој постои само во парентерална форма) дроб или силимарин за орална употреба и N-ацетилцистеин, кои го штитат црниот дроб.

– Се соочуваме со сериозен проблем во нашата земја поврзани со антидотите. Парентералната форма на антидоти за труење со печурки (ацетил цистинот и силибинин) не се регистрирани во нашата држава и тоа ја отежнува навремената набавка и ја одложува терапијата. Со години се соочуваме со низа административни пречки за до го надминеме овој проблем и решавањето треба да биде помогнато од одговорни институции на државата. Има различни мерки со коишто може да се помогне – субвенционирање на регистрација на нерегистрирани антидоти, за да може да бидат полесно достапни за набавка, поедноставена процедура за интервентен (итен) увоз, посебно кога има итност или сезонски зголемен ризик, годишна централизирана набавка и создавање државна резерва на антидоти и изработка на национален протокол и регистар за навремена набавка и користење на антидоти – вели Переска.

Кога пациентот умира?

Исходото од труење со печурки е смртоносен, дури и со терапија, кога ингестијата на отровни печурки кои содржат аманитини и задоцнетата лекарска интервенција доведуваат до акутна црнодробна и бубрежна слабост, потреба од трансплантација на црн дроб, мултиорганска дисфункција.

– Стапката на смртност може да достигне од 10 до 20 отсто, особено ако пациентот дојде доцна. Затоа, најважниот совет е: Никогаш не јадете печурки доколку не сте 100 отсто сигурни дека се јадливи. Не верувајте на „народни тестови“. Дивите печурки лесно се мешаат по изглед со отровни двојници. Не користете апликации или фотографии за идентификација. Купувајте само од проверени продавачи или консултирајте миколог. Ако постои најмал сомнеж – подобро не јадете. Доколку во дворот растат печурки, а имате мали деца и миленици, редовно отстранувајте ги. Труењата со печурки се сериозни, често тешки и бараат интензивен третман. Најдобра терапија е превенцијата – децидна е Переска.

Може ли една случајно собрана печурка да биде смртоносна за цело семејство?

Русевска вели дека најдобра заштита е стекнување знаење за препознавање на печурките, нивните главни карактеристики и живеалишта, како и искуство при собирање.
– Во однос на смртоносната количина, одговорот е: да. И една печурка (или еден спорокарп), т.е. околу 70 грама може да биде смртоносна – вели таа.

Што се однесува до препознавањето на отровноста на печурките, не постои правило според кое може да се каже дали некој вид е отровен за човекот, на пример според бојата. Прво треба да се одреди видот на печурка, т.е. да се знае дали е вргањ, шампињон, јајчарка, пупавка и слично. Според тоа се проверува во литература дали видот се јаде.

Cantharellus cibarius / Фото: Катерина Русевска

– Но, постојат и правила кои важат за одредени групи, но тие не се универзални за кои било печурки. Непознавањето на овие правила и нивната несоодветна примена најчесто доведува до фатални грешки. На пример, вргањите се делат на две групи: вргањи со светли (бели, кремови, жолтеникави) пори (хименофор, т.е. долниот слој на шапката) и вргањи чии пори се со друга боја, на пример црвена. За нив важи правилото дека светло обоените пори се карактеристика на видови кои се јадат, и при тоа, не ја менуваат бојата на пресек или допир. Додека, вргањите кај кои има промена на бојата на порите при допир или на пресек (најчесто во сина или модра) се отровни. Затоа овие видови се лесно препознатливи и претставниците од вргањи со светли пори кои не ја менуваат бојата се во групата на комерцијални видови. Но, ова правило не важи за пупавките. Така на пример зелената или белите пупавки воопшто не ја менуваат белата боја, која за недовоно искусните собирачи е знак за јадливост, за разлика од печурките кои имаат впечатлива црвена боја, која за нив е знак на отровност. Но, секао ова правило е лаичко, не е точно и доведува до труења, а во некои случаи и смрт – децидна е Русевска.

Што нуди Миколошката лабораторија на Институтот за биологија?

Миколошката лабораторија е отворена за љубителите и собирачите на печурки, вели Русевска.

– Во сите досегашни медиумски објави ја потенцирам важноста за препознавањето на печурките и можноста за проверка на примероци во однос на нивната јадливост. Многу е важно, доколку собирачите не се сигурни во препознавањето на печурките и нивната употреба во исхраната, во никој случај да не ги јадат или да се обидуваат да добијат совет преку коментари од социјалните мрежи. Постојат различни информации, не само на социјалните мрежи, туку и на различни веб-сајтови, Јутјуб канали и воопшто на интернет кои се однесуваат на препознавањето и јадливоста на габите.

Cortinarius / Фото: Кристијан Јакимовски

На Facebook има група FungiMacedonici, која првенствено е за препознавање на видови и придонес на љубителите на печурки кон видовото разнообразие на габи во Македонија, но во никој случај не е дозволено давање совети за јадливоста на печурките, што во одредени случаи не се почитува. Денес постојат и стручно изработени апликации за идентификација на габи, но во речиси сите од нив, не само што не постои можност за давање информација за јадливоста според прикачена фотографија од печурка, туку има и јасно наведена напомена (најчесто со црвени букви): предлозите за идентификација врз основа на слика да не се користат за примена во исхраната – завршува Русевска.

━ повеќе содржини

Новогодишен гала концерт на штипскиот “Астибо Биг Бенд”

"Почитувани, покана до сите вас да бидете присутни на Новогодишниот концерт на Астибо биг бенд – вечер на џез, енергија и нов почеток.Да покажеме...

Снуп Дог официјално стана почесен тренер на американскиот олимписки тим

Team USA официјално објави дека раперот и светска музичка икона Snoop Dogg е назначен за прв Почесен тренер (Honorary Coach) на американскиот олимписки тим....

БАЛЕНСИАГА ПРОДАВА НАРАКВИЦА ОД 1200 ДОЛАРИ КОЈА ИЗГЛЕДА КАКО СЕЛОТЕЈП! 

Луксузната модна куќа Баленсијага повторно ја крена прашината на социјалните мрежи со својот најнов, крајно необичен моден додаток-нараквица која изгледа буквално како парче салотејп,...

АЛЕКСАНДРА ПРИЈОВИЌ Е РОМКА! ПЕЈАЧКАТА ОТКРИ ДЕТАЛИ ЗА СВОЕТО ПОТЕКЛО!

Пејачката Александра Пријовиќ своевремено јавно проговори за семејните односи и своето потекло, откако во медиумите се појавија бројни изјави на нејзиниот дедо кои предизвикаа големо внимание...

„ТОА МИ Е МИНИМУМ, НО МОЖЕ И ПОВЕЌЕ!“ КОЛКАВИ СЕ МЕСЕЧНИТЕ ТРОШОЦИ НА БАКА ПРАСЕ?

Покрај заработката од личните проекти и дигиталните платформи, неговата финансиска состојба му дозволува луксузни трошоци и стабилен животен стандард. Како што самиот откри за време...
spot_img