Барате мирно место на кое може да уживате, но и да му угодите на вашето тело – тогаш ова место е само за вас.
Градот Штип покрај својата надалеку прочуена штипска пастрмајлија има и едно свое скриено природно богатство.

Имено, на само 2 километри од центарот на градот, на десниот брег од реката Брегалница и на излезот од Ново Село се наоѓа Бањата Кежовица, позната и како Штипска Бања, со многу лековита вода.
На само 300 мери од Кежовица пак, се наоѓаат Л’џите, чешма со топла минерална вода, покрај самата река.
Од другата страна на реката, 100-на метри после мостот, започнува една преубава патека, која може да ве однесе од спротивната страна на Исарот, но и преку која можете да се искачите и кај тврдините, поминувајќи покрај една стара црква.
Бањата Кежовица е вистинско скриено благо што го поседуваат штипјани, позната по својата лековита термална вода и мирна атмосфера. Се наоѓа веднаш по кањонот што реката Брегалница го формира по излегување од градот, во штипското Ново Село.
Е сега, самиот комплекс е составен од зграда за физикална терапија која работи во составот на Клиничкиот центар и објектот Бања Кежовица, која работи во рамките на јавното претпријатие Исар и е наменет за граѓаните. И двата објекти не се комерцијално уредени како некои други познати бањи на Балканот (види тука), но од друга страна тоа на ова место и му дава посебен шарм.
Водата што извира е со температура и до 70 степени Целзиусови, а се верува дека е лековита и помага за ревматизам, глуждови и нервен систем, дијабетес, артериосклероза, висок крвен притисок итн.

Се претпоставува дека е изградена некаде во 17 век за време на Турците, кога се користела за здравствени цели и хигиена.
Интересно е и тоа што штипјани и денес во општата бања се бањаат голи. Имено, во зградата за физикална терапија има базен и тој е наменет исклучиво за пациенти кои во базенот влегуваат во костими за капење и во присуство на физиотерапевт и друг медицински персонал.
Но во Бањата Кежовица, постои машки и женски општ дел каде мажи и жени, одделно, се бањаат и без костими за капење. Овој дел од бањата е наменет исклучиво за граѓаните и покрај двете општи бањи, машка и женска, располага и со 15-на туш кабини и десетина кади.
Меѓу штипјани и денес е традиција мајките со своите ќерки и внуки да одат во женската бања, а татковците со синовите во машката и тоа најчесто во општиот дел, па и без костими за капење.
Во склоп на бањате има и објект во кој за цена од околу 500 денари може и да ноќевате, а кој е сместен покрај самата река.
Што се однесува до цената на бањата, ова задоволство ќе ве чини само 70 денари, а во вторник е бесплатно за пензионери, додека цената за нив во останатите денови е 50 денари. Исто така секој петок има и бесплатни автобуси што ги носат граѓаните до ова место.
Бања со душа
Е сега, како што спомнавме и на почетокот, бањата не е налик на помодерните бањски комплекси, но има посебен шарм.
Имено, ова место во Градот под Исарот е идеално за сите оние што бараат интересно и автентично доживување, во комбинација со здраво и природно опкружување, но и да откријат еден уште еден скриен бисер во нашата Македонија.
Доколку сакате да ја посетите може сместување може да најдете и во Штип, каде цените исто така се поприлично пристапни.
Но пред да појдете во бањата ви препорачуваме да се прошетате до Исарот Или до Музејот на дејците на ВМРО од Штип и Штипско, место познато меѓу граѓаните и како Андонова куќа, која се наоѓа во непосредна близина на Л’џите, веднаш од другата страна на мостот. Станува збор за историски музеј во Ново Село, Штип каде ќе можете да видите восочни фигури од истакнати дејци, меѓу кои и оние на Тодор Александров и Ванчо Михајлов.