21 C
Shtip
spot_img

Ќе има ли олеснување на граница? Македонија бара од Грција да ги укине биометриските проверки за летната сезона

Неизвесноста околу летната туристичка сезона се зголемува, откако македонската Туристичко-угостителска комора официјално побара од грчките власти туристите од земјава да бидат изземени од биометриските проверки при влез и излез од Европската Унија.

Барањето, како што информира претседателот на комората Аркан Керим, веќе е доставено до грчкото Министерство за туризам, со предлог оваа мерка да важи во периодот од 1 јуни до 1 септември, односно за време на шпицот на летната сезона. Целта е да се намалат гужвите на граничните премини и да се олесни движењето на туристите.

„Стапивме во контакт со грчката министерка за туризам и очекуваме позитивен одговор во наредните денови“, изјави Керим, нагласувајќи дека ваквата одлука би имала директен ефект врз туристичките текови.
Иницијативата доаѓа откако грчката влада веќе донесе одлука да ги изземе британските туристи од биометриска контрола при влез во земјата, имајќи предвид дека во 2025 година Грција ја посетиле речиси 4,9 милиони туристи од Велика Британија.

Од туристичкиот сектор во Македонија сметаат дека постои реална можност Грција да ја искористи и препораката на Европската комисија, според која секоја земја може привремено да го суспендира системот за влез и излез (ЕЕС) во случаи кога границите се преоптоварени и системот функционира бавно.
Токму тоа веќе се случува на терен.

Туристичките работници алармираат дека автобусите на грчката граница чекаат и по пет часа, што создава долги колони и сериозни проблеми во организацијата на патувањата. Дополнително, ако пред автобусите се појават големи туристички возила со десетици патници, чекањето може да биде уште подолго.

Проблемот, според нив, најчесто се јавува при земањето отпечатоци од прсти, каде што системот често „заглавува“, особено кај секој десетти патник, што го успорува целиот процес. Иако грчките гранични премини се технички добро опремени, практичната примена на новиот систем создава сериозни тесни грла.

Дополнителен удар трпат и туристичките агенции, кои се соочуваат со зголемени трошоци и организациски проблеми. Долгото задржување на граница влијае врз работното време на возачите, кои мора да се менуваат, како и врз временските распореди за траекти до островите како Крф и Закинтос. Во некои случаи, туристите губат и ден или два од својот одмор само поради доцнењето.
Слични барања, покрај Македонија, се очекуваат и од Србија, чии туристички работници исто така се надеваат на олеснувања или барем почеста примена на исклучоците што ги дозволува Европската комисија.

Инаку, новиот систем за влез и излез во ЕУ (ЕЕС), кој започна да се применува пред две недели, веќе предизвика сериозни проблеми и во авиосообраќајот, каде патниците чекаат со часови и во некои случаи ги пропуштаат летовите.
Додека летната сезона се наближува, туристичкиот сектор со нетрпение го очекува одговорот од Грција, кој може да биде клучен за тоа дали македонските туристи ќе патуваат полесно или ќе се соочат со нови гранични гужви.

━ повеќе содржини

Строг закон за коцкање: 500 метри подалеку од училишта

Со новиот закон што го изгласа Собранието, државата воведува серија забрани и ограничувања – од задолжително растојание од 500 местри од училишта до рестрикции...

Замрзнатото месо има рок на траење: еве колку долго може да се чува во замрзнувач

Правилното складирање на храната, особено месото, е исклучително важно за зачувување на нејзиниот квалитет и здравје. Иако замрзнувањето го продолжува рокот на траење, секој вид...

Весна го одгледува најскапиот зеленчук во светот: Килограм чини дури 20.000 долари

Додека многумина ја напуштаат селската средина во потрага по подобар живот, Весна Бошњак од населбата Омањска во Босна и Херцеговина останува верна на земјоделството...

„РОАМИНГ КАКО ДОМА“ – највисок приоритет за Македонија, порача министерот Андоновски

Македонија да се приклучи кон европскиот режим „Роаминг како дома“ без одложување веднаш штом пристигне мислењето за предложената правна рамка, побара министерот за дигитална...
spot_img