32.9 C
Shtip
spot_img

Штипјанецот Тодор Арсовски е првиот музичар од Македонија кој ќе настапи на еден од најреномираните музички фестивали FEMUSC 2026 во Бразил

Тодор Арсовски е млад македонски бас со исклучителен музички сензибилитет и сценска присутност, кој со својот глас и интерпретативна длабочина ја оживува традицијата на македонската вокална школа во современ европски контекст.

Потекнува од Штип, од познатата фамилија Китанови од селото Долани – семејство длабоко вкоренето во народната уметност и македонската културна традиција. Неговиот дедо, Методи, е еден од основачите на КУД „Штипски Трендафили“ и долгогодишен играорец, а баба му Софијанка, пејачка во истото друштво, ја пренела љубовта кон песната која ќе го одбележи неговиот животен пат.

Арсовски уште на петгодишна возраст го пројавува својот музички дар, започнувајќи да свири хармоника – првиот инструмент што го повелува кон патот на уметноста. Своето формално музичко образование го започнува во нижото музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип, на одделот клавир, под менторство на проф. Станка Спасилова Лазова. Средното музичко образование го завршува во истото училиште, на вокално-инструменталниот оддел – соло пеење, во класата на проф. м-р Виолета Вучкова Арсовска, каде што се оформува неговиот вокален израз и сценски идентитет.

Во моментов е БАС студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на примадоната на Македонската опера и балет, проф. м-р Весна Гиновска-Илкова – уметница која оставила длабока трага во неговиот уметнички раст и вокална култура.

Во текот на своето досегашно патување, Арсовски настапувал на бројни национални и меѓународни натпревари и фестивали во Македонија, Бугарија, Италија, Србија и Црна Гора, при што бил наградуван за својот автентичен музички израз и искрената емоција во интерпретацијата.

Во 2017 година, како стипендист на фондацијата „Еуро Атлантис“ од Бугарија, учествува на престижната Bologna International Opera Academy (BIOA) во Болоња, Италија, каде што работи со еминентните професори Генко Гешев и Петар Данаилов, со кои и понатаму го негува своето уметничко усовршување.

Во 2019 година, Арсовски се сели во Франкфурт, Германија, со цел да ја прошири својата уметничка визија и да го продолжи својот вокален и сценски развој.

Во 2023 година, по лична покана на прочуениот бас-баритон на Варненската опера, Дејан Вачков, учествува на мини мајсторски клас во Валенсија, Шпанија, каде што ги продлабочува своите интерпретативни и вокални техники.
Во јануари 2025 година, по покана од неговиот драг пријател, поранешен солист на Оперското студио при Миланската Скала и сегашен солист на Пловдивската опера – басот Божидар Бошкилов, Арсовски учествува во Пловдив, Бугарија, на уште еден мини мајсторски клас, каде што продолжува да ја усовршува својата вокална техника и сценска експресија.

Во март 2025 година, Тодор Арсовски учествува на Sofia Opera Performance Seminar (SOPS) во Софија, Бугарија – меѓународна уметничка програма која обединува талентирани оперски уметници од различни континенти, меѓу кои и учесници од Јужна Америка.
Во рамките на семинарот, настапува на гала-концерт во Воениот клуб во Софија, придружуван од Симфонискиот оркестар на Враца, под диригентската палка на маестра Николета Конти од Италија – концерт кој претставува извонреден уметнички момент и врв на неговиот престој во Софија.

Неколку месеци подоцна, Арсовски аплицира за учество на еден од најреномираните светски фестивали – FEMUSC 2026 во Бразил. Од над 1.500 апликанти, избран е во потесниот круг од 330 учесници, што претставува значајно меѓународно признание за неговиот труд и талент.

Со ова селектирање, тој станува првиот претставник на Република Македонија на овој угледен фестивал, чест што е потврдена и со личната изјава на директорот на фестивалот, Алекс Клеин, кој со искрена радост ја поздравил неговата селекција, нагласувајќи дека по 21 издание, FEMUSC конечно ќе има чест да го пречека својот прв учесник од Македонија.

Со својот благороден бас, сценска елеганција и длабоко разбирање за музичката уметност, Тодор Арсовски се издвојува како уметник кој со страст и интегритет ја претставува својата земја, внесувајќи топлина, искреност и духовна длабочина во секоја изведба.

━ повеќе содржини

Штипјанец падна од автомобил во движење, заврши со тешки повреди

Дваесет и едногодишен жител на Штип се здобил со тешки телесни повреди откако паднал од отворен прозорец на автомобил во движење, информира Министерството за...

Штипјанката Дора Милева доби меѓународна специјална награда за достигнување во биологијата!

Дора Милева достоинствено ги промовира СОУ „Јане Сандански“ – Штип, нашиот Штип и Македонија на меѓународната сцена во областа на природните науки! И во овие...

„Адиент“, „Кондево“ и „Техникал Текстајлс“ ги претставија инвестициските планови пред директорот на ТИРЗ

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, минатата недела ја посети ТИРЗ Штип, каде што оствари работни средби со раководствата на...

Околу еден милион денари ќе чини поправка на оштетените кровови на училиште и градинка во Штип – се врши проценка и на штетата на...

Околу еден милион денари се потребни за поправка на оштетените кровни конструкциии на Општинското основно училиште (ООУ) „Ванче Прќе“ и на градинката „Вера Циривири-Трена“...

Штипјанецот Тони Манев испиша спортска историја – истрча неверојатни 400 километри!

Подвиг за паметење, рекорд за почит и пример што инспирира! Штипјанецот Тони Манев оствари неверојатен спортски подвиг совладувајќи ултрамаратонска дистанца од 400 километри – резултат...
spot_img