Бугарија ги започна подготовките за организација на Евровизија 2027, по победата на младата пејачка Дара (фото) со песната „Бангаранга“ во Виена. Министерот за култура Евтим Милошев изјави за бугарската национална телевизија БРТ дека подготовките веќе се во тек.
Софија, Бургас, Пловдив и Варна веќе покажале сериозен интерес да бидат домаќини на најголемиот музички спектакл во Европа, а конечната одлука ќе ја донесе Европската радиодифузна унија врз основа на инфраструктурата, логистиката и условите што ги нуди секој град. Бугарија првпат ќе биде домаќин на Евровизија, откако претходно беше организатор само на нејзината детска верзија во 2015.
Министерот Милошев кажа дека земјата е подготвена да организира настан од светски ранг.
„Убеден сум дека Бугарија ќе се претстави исклучително добро. Зборуваме за организација на самиот музички натпревар, избор на сала, безбедност, логистика, маркетинг и промоција. Домаќинството на Бугарија ќе биде на ниво на Австрија“, рече Милошев.
По победата на Дара, БРТ објави дека следното издание на Евровизија ќе се одржи во Софија, која располага со развиена инфраструктура, добра меѓународна поврзаност и голема арена. Сепак, Бургас, Пловдив и Варна исто така испратиле амбициозни кандидатури.







