ФИФА пушта во продажба повеќе од три милиона влезници за Светското првенство, а продажбата ќе трае до крајот на натпреварувањето на 19-ти јули, последна шанса за навивачите кои сè уште немаат билети за турнирот кој започнува по два месеца.
Според ФИФА, од средата вечерта, останаа 450 влезници за натпреварот Хрватска-Англија на 17 јуни во Далас, по цена од 310 долари. Исто така, 242 достапни билети за натпреварот Франција-Ирак на 22 јуни во Филаделфија беа понудени за 430 долари. За првиот натпревар на САД против Парагвај на 12 јуни во Лос Анџелес, цените на билетите се движеа од 1.940 долари (категорија 2) до 2.735 долари (категорија 1). Натпреварите на Иран во Лос Анџелес и Сиетл чинеа меѓу 140 и 500 долари.
Оваа најнова фаза од продажбата запонча во средата на официјалната веб-страница FIFA.com/tickets по принципот „прв дојден, прв услужен“. Билетите ќе бидат во продажба континуирано, вклучително и за натпреварите што се одржуваат истиот ден, според ФИФА.
За да пристапат до билети, купувачите се упатуваат на страница за „чекање“ и мора да „се приклучат во редот“. Чекањето трае веќе неколку часа откако е отворена страницата. И мора да бидете брзи за да ги земете вашите билети, бидејќи сесијата автоматски се затвора по 20 минути.
Најевтините билети за првиот натпревар меѓу Мексико и Јужна Африка на 11 јуни чинат 1.410 долари, во споредба со 895 долари за време на претходната фаза од продажбата.
Кога беше прашан за зголемувањето на цената во споредба со претходните фази, портпаролот на ФИФА објасни дека „цените варираат поради варијабилни цени“, во зависност од натпреварот и побарувачката. „Некои билети може да бидат со иста цена, додека за други, цените може да се променат“, додаде тој.
Вкупно, речиси седум милиони влезници се во продажба за натпреварот. Според ФИФА, повеќе од три милиона од нив веќе се продадени во текот на првите три фази на продажба, вклучувајќи повеќе од милион за време на фазата на случаен избор во јануари и февруари.
ФИФА очекува да го сруши рекордот на сите времиња од 3,5 милиони продадени билети за Светското првенство, поставен за време на изданието во 1994 година, на кое учествуваа 24 екипи. Но, ова лето, турнирот, чии домаќини се САД, Мексико и Канада, првпат ќе дочека 48 екипи, за вкупно 104 натпревари, од кои 78 ќе се играат на американска почва.







