Штип УГД против Борец во финална битка за шампионската титула во Првата одбојкарска лига во машка конкуренција, ова ќе биде реприза на Куп финалето, а тогаш штипјани беа подобри и ја одбранија Куп титулата за „хет-трик“.
Двете екипи беа перфектни во полуфиналето откако Штип УГД славеше и дома и во гости над Работнички и сега има отворен пат за нова клупска историја и со тоа за првпат во да ја освои шампионската титула и во своите витрини да ја има двојната круна.
Од друга страна, Борец ја совлада Струмица и дома и во гости и со тоа велешани се пласираа во финалето. Шампионот Струмица остана без можност да ја брани титулата и со тоа заврши седумгодишната доминација на струмичани, а тоа значи дека ќе има нов шампион.
Ваквите резултати за клубот од градот под Исарот се за поздравување, Штип УГД е најуспешниот клуб кога се во прашање колективните спортови – три Куп титули, а речиси на дофат е и шампионската титула. Оваа сезона Штип УГД дебитираше и на европската сцена што е уште една потврда за ваквиот голем напредок на клубот.
Клубот има силна поддршка и од општина Штип, а дополнително како силен мотив е тоа што одбојкарите ќе добијат и свој нов дом, спортскиот центар „Џексон“ забрзано се гради, а тука штипјани ќе може да ги играат и своите европски натпревари пред својата верна публика.







