Огромен пожар вчера го зафати објектот на фабриката „Комодита“ (Comodita) во градот Ѓаковица во Косово.
Густиот чад и пламените јазици беа видливи од поголемиот дел на градот, а на терен беа распоредени сите расположливи екипи за итни интервенции.
Портпаролот на Косовската полиција за регионот на Ѓаковица, Шеремет Елезај, за медиумот „Сињали“ потврди дека дојавата за огнената стихија пристигнала околу 16:40 часот.
„Полициските единици и пожарникарите веднаш излегоа на лице место и ги преземаат сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на пожарот. Огнот е со големи размери и екипите за итни случаи продолжуваат со работа за да ја стават ситуацијата под контрола“, изјави Елезај.
Пожарот избувнал во објектот лоциран на улицата „Ѓерѓ Соколи“.
Според првичните информации од полицијата, до овој момент нема пријави за повредени лица. Сепак, Елезај потенцираше дека целосната верификација на ситуацијата и евентуалните последици по луѓето ќе можат да се утврдат дури откако пожарот ќе биде целосно изгаснат.







