АЕК одлучи: „Оне Македонија“ ќе биде трет мобилен оператор во земјава
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја избра „Оне Македонија телекомуникации“, во сопственост на унгарската компанија 4iG, за најповолен понудувач на тендерот за трет мобилен оператор во земјава.
Со одлуката започнува 10-дневен рок за уплата на еднократен надомест од 8.020.003 евра за фреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz. По уплатата, компанијата ќе добие одобрение и ќе може веднаш да започне со работа преку мрежите на постојните оператори, додека ја гради сопствената инфраструктура.
Според условите, новиот оператор треба да обезбеди 5Г-покриеност во еден град до март 2027 година, на главните коридори до крајот на 2028, во сите градови до 2030, а до 2032 секој граѓанин да има пристап до 5Г-интернет со минимална брзина од 100 Mbps.
Од АЕК оценуваат дека влезот на трет оператор ќе ја зголеми конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, што е и долгогодишна препорака од Европската комисија.







