Општина Штип продолжува активно да работи на создавање инклузивна, достапна и отворена заедница за сите граѓани. Со особена чест и гордост ве информираме дека Штип од денеска стана втората општина на Балканот која Статутот на Општината го приспособи на Брајово писмо за лицата со оштетен вид.
Денеска, приспособениот Статут беше презентиран пред претставници на Општина Штип, Здружението „Хендикеп плус“, како и пред здруженија на лица со попреченост и лица со оштетен вид.
На средбата беше истакнато дека само преку соработка, меѓусебна поддршка и заеднички активности можат да се реализираат суштински и системски промени, кои ќе овозможат достоинствено и рамноправно место на лицата со попреченост во општеството.
Оваа активност е дел од проектот „Пристапна и отворена општина“, чија цел е да обезбеди социјални промени иницирани од самите лица со попреченост, со цел унапредување на транспарентното, одговорно и инклузивно владеење на правото.
Воедно, сакаме да истакнеме дека Статутот на Брајово писмо е изработен од Здружението „Хендикеп плус“, во соработка со Општина Штип и со финансиска поддршка од Бугарската помош за развој.
Општина Штип останува посветена на креирање еднакви можности, подобра пристапност и унапредување на правата на сите граѓани.







