25 C
Shtip
spot_img

Цената на какаото паѓа, но поевтино чоколадо ќе чекаме за Велигден

Откако постигна историски врв од над 12.000 долари за тон во 2024 година, годинава цената на какаото падна на пoд 7.000 долари за тон, што го направи една од берзанските суровини со најлоши перформанси во 2025 година.

Фјучерсите на какао паднаа на 10-месечен минимум на Њујоршката берза, откако почетокот на жетвата во Брегот на Слоновата Коска, најголемиот светски производител, навестува дека понудата на краток рок ќе се зголеми.

Најниската цена на тргувањето на 30 септември беше 6.682 долари за тон, извести „Блумберг“, ценовно ниво што последен пат е забележано во ноември 2024 година.

Цените на какаото паѓаат поради послабата индустриска побарувачка затоа што производителите на чоколадо и слични производи се борат со зголемени трошоци и помали маржи, анализира инвестициската банка „ЏП Морган“ (J.P. Morgan) во својот неодамнешен извештај.

Преработката на зрната какао – традиционално сметана за клучна мерка за побарувачката – за вториот квартал од 2025 година паднала за 7,2 отсто во однос на истиот период од 2024 година во Европа, за 16 отсто во Азија и 2,8 отсто во Северна Америка.

Сепак, аналитичарите очекуваат дека производството на какао ќе се зголеми во текот на сезоната 2025-2026 доколку останат добри временските услови, што потенцијално би можело дополнително да ги намали цените. Да потсетиме, цената на какаото имаше континуиран пораст од почетокот на 2023 година до средината на април 2024 година, кога од околу 2.600 долари се искачи на рекордни 12.200 долари, што е скок од цели 370 отсто. Потоа до крајот на 2024 година и во текот на 2025 година цената на какаото значително флуктуираше, во еден момент спуштајќи се и до околу 6.700 долари, кон крајот на октомври 2024 година, а потоа повторно се качи до речиси 12.000 долари за тон, кон средината на декември.

Се предвидува дека производството ќе ја надмине потрошувачката за околу 186.000 тони во сезоната 2025-2026, која започнува во октомври, според просечната процена на 13 аналитичари и трговци што ги анкетираше „Блумберг“. Тоа би било повеќе од двојно поголемо количество од вишокот во тековната сезона, покажа истражувањето.

Подобрувањето ќе помогне во дополнувањето на глобалните резерви што беа исцрпени по последователните слаби жетви во Западна Африка, главниот регион за производство на какао.

Земјоделците во Гана и Брегот на Слоновата Коска – двата најголеми производители во светот – добиваат фиксна цена што ја одредуваат владите, а тоа ја ограничи непосредната корист од растот на какаото. Пазарите на други места се либерализирани, а растечката цена ги поттикна земјоделците да ги прошират насадите, па сега дрвјата почнуваат да раѓаат зрна.

Се очекува производството во Еквадор, третиот најголем производител, да се зголеми за околу пет проценти, на 580.000 тони во следната сезона, поради подобрите приноси и новите плантажи, изјави Хулио Москосо, комерцијален директор во „Латам комодити трејдерс“ (Latam Commodity Traders), на маргините на европскиот настан.

Во комбинација со зголемувањето во земји како Перу, Колумбија и Венецуела, тоа може да го зголеми производството во Јужна Америка дури за 100.000 тони, освен во случај на лоши временски услови, рече Владимир Зиентек, трговски соработник во „Стоунекс груп“ (StoneX Group Inc).

Кога ќе поевтини чоколадото?

Скапите зрна ја намалуваат побарувачката за какао бидејќи производителите на чоколадо ги зголемуваат цените на своите производи, а тоа го зголемува потенцијалниот вишок. Аналитичарите и трговците во анкетата рекоа дека очекуваат потрошувачката да продолжи да забавува бидејќи клиентите ќе ја намалат потрошувачката, а некои производители на чоколадо купуваат помалку или користат алтернативи на какао за да ги намалат трошоците.

 

Домашните производители на чоколадо и кондиторија исто така очекуваат стабилизација на цените на какаото. Сашо Наумоски, генерален директор на фабриката за прехранбени производи „Витаминка“ од Прилеп, за „Блумберг Адрија“ изјави дека очекува понатамошно намалување на цената на какаото, кое, како што вели, забележа невидено поскапување за многу кратко време.

„Ако се зголеми понудата, нормално е дека берзанската цена ќе паѓа и понатаму. Производителите на чоколадо беа принудени изминатава година и пол значително да ги зголемат цените, што доведе, пак, до пад на продажбата. Со одењето на цената на какаото надолу, ќе поевтинува и чоколадото, тоа сигурно. Можеби нема да се спушти на нивоата од пред 2024 година, затоа што во меѓувреме растат и други трошоци, но поевтинување секако ќе има“, вели тој.

Од „ЏП Морган“ сепак велат да не се радуваме пребрзо, затоа што скорашниот пад на цените на какаото нема да се почувствува веднаш во цените на чоколадото.

„Тука имаме своевиден мамурлак“, како што вели аналитичарката за земјоделски производи во „ЏП Морган“, Трејси Ален. „Производителите на чоколадо сѐ уште се справуваат со покачените цени на какаото од четвртиот квартал на 2024 година, кога достигнаа рекордни вредности.“

Според неа, овие покачени цени реално имале задоцнет ефект врз индустријата како целина, со тоа што покачените цени на производство биле пренесени на крајниот потрошувач. „Постои еден континуиран дефицит на пазарот, намалена достапност на зрната какао и достапност на производите. Па, така, се плашам дека повисоките цени на чоколадото ќе си останат уште некое време“, вели Ален.

Четирикратното поскапување на какаото изминативе две години ги зголеми драстично трошоците на производителите на чоколадо и ги стопи нивните профитни маржи до минимум. Ефектот се почувствува во целата индустрија, од малите бизниси до големите мултинационални корпорации, објаснуваат во извештајот на „ЏП Морган“.

„И додека некои од овие трошоци се пренесоа на потрошувачите, веројатно е понатамошно приспособување на цените. Враќање кон поранешните ценовни нивоа е практично невозможно“, велат оттаму.

Сепак, малку разведрување за љубителите на чоколадо би можело да дојде околу велигденските празници во 2026 година.

„Индустриската побарувачка од производителите олабавува како што се подобрува понудата, со зголемување на производството, подобрите временски услови и новите засади во Еквадор и Бразил што треба допрва да созреат“, според анализата на „ЏП Морган“, иако цените на какаото се очекува да останат структурно повисоки во подолг временски период, на ниво од околу 6.000 долари за тон.

━ повеќе содржини

Во понеделник во Штип – аудиција за статисти во филм!

По повод новиот игран филм на режисерката Марија Апчевска „ПРОЛЕТНО ЧИСТЕЊЕ“, што ќе се снима неколку дена во текот на месец јуни, ќе се...

“MI6O” на Емигранти руши рекорди!

EMIGRANTI со „MI60“ до 57.000 прегледи за само 7 дена Новата песна прераснува во viral хит, а публиката јасно препознава енергија, ритам и искрен труд. Новата...

Македонија се враќа на Евровизија!

На Јавната седница на програмскиот совет на МРТ, на која присуствуваат претставници на еснафски здруженија, медиумски организации и релевантни институции, Ристоски сподели дека имал...

Автосервис во Штип крадел струја: Штетата е над 150 илјади денари

Во сервис за возила на улица „Железничка“ во Штип е откриен случај на нелегално користење електрична енергија, по акција на инспекциските екипи на Електродистрибуција. Случајот...

Воиграна екипа на адвокат, вештак и независен синдикат од Штип подучуваат здравствени работници како да тужат

Тим сочинет од штипски адвокат, вештак и еден независен синдикат подучуваат вработени по болниците како да тужат и да испумпаат повеќе пари од Фондот...
spot_img