3.7 C
Shtip
spot_img

Романтичната Комедија „Анора“ со пет оскари

Независниот филм „Анора“ (Anora) на Шон Бејкер со пет награди Оскар, меѓу кои за најдобар филм и за најдобар режисер, триумфираше на 97. доделување на најпрестижните филмски награди што се одржа синоќа во Лос Анџелес. Романтичната комедија ја прикажува Анора (Ани), млада сексуална придружничка од Бруклин која се запознава и импулсивно се мажи за Вања (Иван), син на руски олигарх. Нејзината бајка е загрозена откако веста ќе стигне до Русија и кога неговите родители тргнуваат за Њујорк за да го поништат бракот.

Филмот ги доби и Оскарите за најдобро оригинално сценарио и монтажа (Шон Бејкер), и на големо изненадување, наградата за најдобра актерка, која отиде во рацете на 26-годишната Мајки Медисон за улогата на Ани во филмот. Американската актерка со Оскарот во раце, видно возбудена и читајќи го својот говор, ѝ оддаде признание на заедницата на сексуалните работници и рече дека ќе продолжи да ги поддржува. „Ова е исполнување на сонот, најверојатно ќе се разбудам утре“, додаде таа. Со овој успех авторот на независни филмови Шон Бејкер беше апсолутен победник, бидејќи дома си отиде со три златни статуетки, земајќи ја наградата и за најдобра режија. „Филмовите треба да се гледаат во киносали, наша задача е да им помогнеме на киносалите“, рече Бејкер во еден од своите говори на сцената.

Што се однесува до актерските награди, во категоријата за најдобар актер, Оскарот го доби Адриен Броди за филмот „Бруталист“ (The Brutalist). Ова е втор Оскар за Броди. „Актерството е кревка професија, иако изгледа гламурозно, а враќањето овде и тоа што можете да го постигнете го докажува тоа. Ова е повеќе од врвот на мојата кариера, и наредните години ќе имам можност да докажам дека сум вреден за ова. Филмот сака да укаже на последиците од војната, да се бориме за она што е правилно, омразата не смее да надвладее“, рече Броди посочувајќи и на зголемениот антисемитизам и расизам. Тој во оваа категорија се натпреваруваше со Ралф Фајнс (Конклава), Тимоти Шаламе (Целосно непознат – A Complete Unknown), Колман Доминго (Синг Синг) и Себастијан Стан (Приправник – The Apprentice).

Наградата за најдобра споредна женска улога очекувано отиде кај Зое Салдана за филмот „Емилија Перез“. „Јас сум гордо дете на родители кои се имигранти“, рече Салдана држејќи ја наградата во раце и ѝ го посвети Оскарот на баба ѝ. Се заблагодари на американската Академија за филмски уметности и науки дека со доделување на признанието го препознале хероизмот на моќните жени.

Актерот Киран Калкин, пак, за „Вистинска болка“ (A Real Pain) ја доби златната статуетка за најдобра споредна машка улога. Кажа дека со жена си се договориле дека ако добие Оскар ќе имаат четврто дете. „Без притисок“, ѝ рече Калкин. Тој во оваа категорија ги победи Гај Пирс (Бруталист), Јура Борисов (Анора), Едвард Нортон (Целосно непознат) и Џереми Стронг (Приправник).

Од останатите категории, Оскарот за кинематографија го доби „Бруталист“, за костимографија, но и за сценографија (продукциски дизајн) – „Злобница“ (Wicked), а за шминка и фризура – филмот „Супстанција“ (The Substance). Наградата за адаптирано сценарио отиде кај „Конклава“. Филмот на Дени Вилнев „Дина: Втор дел“, пак, доби два Оскари – за звук и за визуелни ефекти.

Со признанието за најдобар анимиран долгометражен филм се закити латвискиот „Поплава“ (Flow), а за анимиран краток, иранскиот „Во сенката на чемпресот“ (In the Shadow of the Cypress). „До вчера немавме виза за да дојдеме и бевме разочарани, а сега стоиме овде со оваа статуетка во раце. Ова е чудо“, рекоа авторите на овој филм. За најдобар краток документарец беше прогласен „Единствената девојка во оркестарот“ (The Only Girl in the Orchestra), а за долгометражен документарец – „Нема друга земја“ (No Other Land). Палестинско – израелските активисти, автори на овој филм – повикаа на правда, слобода и мир за двата народа.

Наградата за најдобар интернационален филм отиде кај бразилскиот „Сè уште сум тука“ (I`m still here), а „Не сум робот“ (I’m Not a Robot) беше прогласен за најдобар краток филм. Во категоријата најдобра песна победи „Ел Мал“ (El Mal) за остварувањето „Емилија Перез“, а Оскарот за најдобра музика (саундтрак) го доби филмот „Бруталист“.

Инаку, мјузиклот на Нетфликс за транс наркобосот во Мексико „Емилија Перез“, кој иако водеше со 13 номинации, беше најголем губитник на свеченоста на доделувањето за Оскарите, бидејќи доби само две награди. Иако фаворитка во категоријата најдобра актерка, Деми Мур за нејзината улога во „Супстанција“, што ѝ беше прва номинација, вечерта од Оскарите си отиде со празни раце, што некои го означија како една од најголемите неправди.  (Н.И.Т.)

━ повеќе содржини

Уапсен градоначалникот на Кочани- Љупчо Папазов и екс градочалниците Николчо Илијев и Ратко Димитровски

Во тек е акција на полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани, а во врска со постапката за пожарот во клубот “Пулс”. Меѓу...

Комеморативна седница во чест на загинатите во несреќата во Кочани

Стремејќи се да го одржи вечен споменот за трагично загубените животи на своите чеда,жалејќи по своите сограѓани, од името на сите, Општина Штип со...

Се претставил дека е син на пејачката Сара Пројковска и барал пари од нашинец во Норвешка кој се понудил за помош

Малку недостасувало Воислав Дабевски кој живее во Осло, Норвешка да бил измамен откако понудил помош по трагедијата во Кочани. Како што пишува тој самиот...

Пациентите примени во Анкара од денес дишат самостојно

Министерството за здравство информира дека медицинските тимови на здравствените установи и денеска се целосно ангажирани во обезбедување соодветна медицинска нега за сите пациенти. На Клиника...

Трамп: Ќе имаме пријателски односи со Москва и Пекинг

„Русија има предност. Како што знаете, руските сили опколија околу 2.500 илјади украински војници, што не е добро. Сакаме да ставиме крај на тоа“,...
spot_img