Македонската ракометна репрезентација вечерва ја отвора својата приказна на Европското првенство со најтешкиот можен предизвик – дуел против Данска, репрезентација која со години владее на светската и олимписката сцена.

Натпреварот се игра од 20:30 часот во Хернинг, пред преполна сала и домашна публика.
Селекторот Кирил Лазаров јасно порача дека притисокот е на страната на фаворитот. Македонија, која се наоѓа во фаза на создавање нов тим по смената на генерациите, нема што да загуби, а секоја минута на вакво натпреварување е непроценливо искуство за младите ракометари.
„Не се игра секој ден против најдобрата селекција во светот. Данска е домаќин и огромен фаворит, но ние сакаме да бидеме мирни, дисциплинирани и да го спроведеме договореното. Ако веќе сме тука, треба да уживаме во вакви натпревари“, истакна Лазаров во најавата пред мечот.
Иако во арената „Јуске Банк Боксен“ ќе доминираат данските навивачи, македонските ракометари ќе имаат и своја, помала, но значајна поддршка. По вечерашниот дуел, Македонија во групната фаза ја очекуваат уште натпреварите против Португалија и Романија.







