Македонскиот научник Панче Наумов (50) од Штип продолжува да ја афирмира Македонија на светската научна сцена. Минатиот месец гостуваше во Институтот за истражување на структурата на материјата при Кинеската академија на науките, каде одржа предавање за своите истражувања на динамичките органски кристали и нивната примена во развојот на нови технологии.

Ова гостување доаѓа по уште едно големо признание – Наумов годинава стана полноправен член на Европската академија на науките, во Одделението за хемија. За членство беше номиниран од Омар Јаги, добитник на Нобеловата награда за хемија за 2025 година, а неговата кандидатура беше поддржана и од научници од Франција и Финска.
Професорот на Универзитетот „Њујорк Абу Даби“ е меѓу два отсто највлијателни научници во светот според листата на Универзитетот „Стенфорд“. Зад себе има околу 350 научни публикации и бројни меѓународни признанија.
Роден во Штип, а со светска научна кариера, Панче Наумов е вистинска гордост на Македонија и доказ дека македонското знаење може да остави силен белег и на највисокото светско научно ниво.







