Вечерва, под тивкото ѕвездено небо и во атмосфера на длабока почит и сеќавање, кај малата фонтана на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип започна поставувањето на камен-темелникот за спомен-обележје посветено на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со овој чин, Штип испрати тивка, но силна порака дека памети и дека никогаш нема да заборави.
Градот вечерва им оддаде почит на Филип Ивановски, Дамјан Таневски, Александар Ефремов, Филип Стевановски и Александар Коларов, кои пред една година починаа во пожарот во „Пулс“ во Кочани.
Семејствата на загинатите штипјани и градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов го поставија и камен темелникот на спомен обележјето во близина на Градскиот плоштад „Слобода“. Спомен обележјето има пет гулаби кои се свртени кон ангел.
Ова место ќе прерасне во простор за сеќавање, почит и тивка мисла за нашите сограѓани Филип Ивановски, Дамјан Таневски, Александар Ефремов, Филип Стевановски и Александар Коларов. Нивните имиња ќе бидат изгравирани како траен спомен, како сведоштво за животите што оставија неизбришлива трага во срцата на своите најблиски и на целиот град, порача градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.







