Компанијата „Опен АИ“ претстави нова функција која овозможува поврзување на банкарските сметки директно со „Чет-ГПТ“, со што ВИ-системот добива пристап до многу чувствителни финансиски податоци на корисниците.
Новата опција моментално е достапна за корисниците на „Чет-ГПТ про“ во САД, а овозможува поврзување со повеќе од 12.000 финансиски институции со цел приказ на потрошувачката, состојбата на сметката, инвестициите и други финансиски активности во рамките на самиот четбот-систем.
„Опен АИ“ наведува дека корисниците можат да поставуваат прашања засновани на сопствената финансиска ситуација, вклучувајќи анализа на трошоците, планирање за купување куќа, процена на долговите или управување со инвестициите.
Компанијата најави и соработка со „Интуит“, па корисниците преку „Чет-ГПТ“ ќе можат да закажуваат консултации со даночни експерти.
Системот може да памети информации како што се кредити, заштеди, месечни трошоци или финансиски цели на корисникот, со цел идните разговори да бидат „полични и поцелосни“.
„Опен АИ“ тврди дека „Чет-ГПТ“ нема да има пристап до комплетните бројки на сметките, ниту можност за менување на финансиските податоци, но ВИ-системот ќе може да ги гледа состојбите, трансакциите, долговите и инвестициите на корисниците.
Сепак, токму тој дел веќе предизвикува сериозна загриженост кај експертите за безбедност и приватност. Критичарите предупредуваат дека потенцијалните напади, неконтролираното протекување податоци или злоупотребата на ВИ-системот би можеле да претставуваат голем ризик за корисниците што ги споделуваат финансиските информации со чет-ботот.
Особена загриженост предизвикува фактот што опцијата „Подобри го моделот за сите“ (Improve the model for everyone) кај многу корисници е автоматски вклучена, што значи дека податоците би можеле да бидат користени за тренирање на идните ВИ-модели, доколку корисникот рачно не ја исклучи таа опција.
Експертите предупредуваат дека евентуалниот пристап до податоците за трансакциите би можел да им овозможи на хакерите да создадат многу уверливи фишинг-пораки, бидејќи веќе ќе знаат каде купувал корисникот, кога и колку пари потрошил.
„Опен АИ“ засега нема објавено кога оваа функција ќе стане достапна за сите корисници на светско ниво.







