Штипјанецот Сашко Кедев добитник на плакетата за „Европска личност на годината“ за 2025 година
Интервентниот кардиолог, универзитетски професор и алпинист Сашко Кедев е добитник на плакетата „Европска личност на годината“ за 2025 година, признание што го доделува Европско движење во Република Македонија во рамки на одбележувањето на Денот на Европа.
Поради неодложни обврски, Кедев не присуствуваше на свеченоста, но преку видео-порака изрази благодарност за укажаната чест, оценувајќи дека признанието претставува поттик за уште поголема посветеност кон европските вредности.
„Почитувањето на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото се вредности што ја обединуваат Европа. Сите посакуваме Македонија да биде дел од европското семејство кое ги живее овие принципи“, порача Кедев.
Со ова признание им се оддава чест на личности кои преку својот професионален и општествен ангажман придонесуваат за промоција на европските вредности и евроинтегративните процеси.
Меѓу досегашните добитници се Влатко Стефановски, Горан Пандев, Симон Трпчевски, Тоше Проески и други истакнати личности од јавниот и културниот живот.







