Македонец со златна плочка во чевла тешка 848 грама и вредна над 4,5 милиони денари пробал да помине низ Богородица.
Златна плочка со проценета вредност од околу 4,5 милиони денари е запленета од страна на царинските службеници на граничниот премин Богородица, откако при детална контрола била пронајдена скриена во обувка на патник.
Според информациите од Царинската управа, автобус кој сообраќал на релација Гостивар–Истанбул бил издвоен за контрола, по што бил извршен претрес на еден македонски државјанин поради основани сомневања.
При проверката, во чевелот на патникот била пронајдена златна плочка тешка 848 грама, внимателно обвиткана во хартија. Според царинските службеници, обидот за криумчарење бил извршен на начин што плочката прво била чувана во облека, а потоа скриена во обувката пред самата контрола.
Против осомничениот е поднесена кривична пријава за криумчарење, а случајот е предаден на Јавното обвинителство во Гевгелија.







