Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација се подготвуваат да обезбедат долгорочен заем за проектот за ветерен парк во Штип, кој ќе биде најголемиот на Балканот…
Една година по најавата за инвестиција, започнува изградбата на ветерниот парк во близина на Штип, каде „Алказар енерџи партнерс“ треба да инвестира 500 милиони долари за изградба на 55 ветерници. Ветерниот парк ќе се протега на површина од 326 хектари и се очекува да произведе струја за 100 илјади домаќинства.
Новиот ветерен парк, кој се најавува како најголем во Западен Балкан, се очекува да биде значаен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и целите за обновлива енергија на земјата.
Енергетска безбедност и поевтина струја
Коосновачот и управувачки партнер на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон вели дека овој проект ќе создаде чиста енергија, ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид, ќе доведе до намалување цената на струјата и ќе создаде 600 нови работни места во Македонија.
Повикувајќи се на анализата на Блумберг во Западен Балкан, Калдерон вели дека ќе има нови инвестиции во обновливи извори на енергија во износ од 11 милијарди долари, во кои државата би имала удел од 30 до 40 проценти поради позицијата, човечкиот капитал и дисциплината.







