Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца под 12 години во Македонија – Родители и експерти бараат построга регулација на социјалните мрежи
Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“, составена од родители, едукатори и стручни лица, објави петиција со која бара забрана за користење социјални мрежи за деца до 12 години и построга регулација за малолетниците.
Според иницијаторите, социјалните мрежи претставуваат сериозен ризик за менталното здравје на децата, поттикнуваат дигитално насилство, опасни онлајн-трендови и придонесуваат за намалена концентрација и образовен успех.
Тие бараат целосна забрана за деца под 12 години, ограничен пристап за возраст од 13 до 16 години со задолжителна родителска согласност и реална верификација на возраста, како и поголема одговорност од платформите за заштита на личните податоци.
Иницијативата повикува Македонија да го следи примерот на земји како Австралија, Франција и Словенија и бара државен надзор, санкции за непочитување на правилата и национална програма за дигитална писменост.
Со потпишувањето на петицијата, граѓаните бараат законски измени со кои безбедноста на децата ќе има приоритет пред профитот на дигиталните платформи.







