Фудбалската репрезентација на Македонија е на два чекори од Светско првенство. Сонот за пласман на Мундијал е блиску до реализација, но ќе стане вистина само доколку тимот на Гоце Седлоски ги елиминира ривалите во плејофот. Вечерва на „Паркен“ во Копенхаген, треба да се победи Данска, која несомнено ја има фаворитската улога.
Кој ќе биде тимот на „црвено-жолтите“? Тоа е прашање што си го поставува секој навивач, а моментално одговорот го знае само селекторот, кој адутите ќе ги открие дури околу два часа пред стартот на пресметката.
Столе Димитриевски е неприкосновен на голот, а во одбраната, на стоперските позиции се очекуваат Ѓоко Зајков и Висар Муслиу. Дебитантот Себастијан Херера ќе делува на левата страна, додека повредениот на синоќешниот тренинг, Андреј Стојчевски, кој заработи „фластер“ на лицето, треба да ја покрива десната страна во одбраната. Доколку сепак, не може, во опција се Дарко Велковски и Никола Серафимов.
Пред него се очекува да биде Дарко Чурлинов, а во средниот ред ќе настапат Исник Алими, капитенот Енис Барди и Јани Атанасов.
Во офанзивата, Елиф Елмас ќе има послободна улога како спој со средниот ред, а најистурен во нападот ќе биде Растодер.
Данците се соочуваат со проблеми во одбраната. Третиот голман Мадс Хермансен ќе брани, додека Норгард, играч за врска, ќе мора да настапи како стопер, што ја отежнува задачата на селекторот Брајан Ример. Целата одбрана е речиси нова, и тоа Македонија ќе мора да го искористи ако сака успех на вечерашниот дуел
Во средниот ред главни креатори на играта ќе бидат Хојбјерг и Хјулманд. Во нападот ќе настапи Расмус Хојлунд со поддршка од Фрохолт.







