Такси превозот во Штип влегува во нова фаза по три децении нерегулирано работење и беззаконие во овој бизнис. По долг период на хаос, конечно се става крај на практиките кои создаваа нелојална конкуренција и несигурност за корисниците. Од 1 февруари, сите такси компании се задолжени да започнат со работа по новоутврдените цени. Наплатата ќе смее да се врши исклучиво преку фискален таксиметар, кој секое возило мора задолжително да го поседува. Дополнително, сите такси возачи мора да имаат целосно регулиран работен однос, а секое такси возило да ги поседува сите потребни лиценци и дозволи за работа. Надлежните институции апелираат до граѓаните да пријавуваат доколку не им се издава фискална сметка или доколку забележат возила без вообичаени такси ознаки. Пријавувањето може да се направи на телефонскиот број 198 или на електронската адреса info@ujp.gov.mk. Надлежните најавуваат засилен надзор со цел целосно спроведување на новите правила и враќање на довербата во такси услугите во градот.







