Минатата недела, донесе нови возбудувања и интересни вести од светот на хардверот. Од проблеми за Tesla и нивните Cybertruck возила, преку Google Pixel 9а и најновиот 2nm чип на iPhone 18, па сѐ до новите паметни часовници на основачот на Pebble и импресивните способности на роботот Atlas.
Проблемите на Tesla продолжуваат
Продолжува падот на акциите на Tesla. Акциите на компанијата сѐ уште немаат неделен раст откако на изборите во САД победи Доналд Трамп.
Акциите на Tesla доживуваат значителен пад поради неколку причини. Поради мешањето на Елон Маск во изборите во Европа и реакцијата на купувачите, продажбата на Tesla бележи намалување. Тука е и кинескиот конкурент BYD, кој претстави технологија за брзо полнење. Според ветувањето на кинеската компанија нивните возила ќе се полнат за 5 минути.
Политичките ставови на Илон Маск предизвикуваат негативни реакции кај дел од потрошувачите, што влијае и на продажбата. Дополнително, инвеститорите се загрижени поради времето кое Маск го посветува на DOGE, наместо на Tesla. Дури и досегашните поддржувачи на Tesla на Волстрит почнуваат да ја критикуваат компанијата. Поддршката за Tesla доаѓа од дел од власта. Доналд Трамп е еден од најгласните поддржувачи на компанијата, но прашање е колку е етичка оваа поддршка. За жал дури и оваа поддршка не влијае на акциите.
iPhone 18 ќе доаѓа со 2nm чип
Новиот iPhone 18 ќе доаѓа со нов 2nm чип, тврди Минг-чи Куо, кој вообичаено е точен со предвидувањата поврзани со производите на Apple. Новиот чип ќе биде произведен во погоните на TSMC. Производителот во моментот како чипови успева да произведе 60 до 70 отсто од парчињата силициумски вафер.
Префрлањето од 3nm на 2nm ќе овозможи повеќе транзистори во чиповите, што секако значи и подобри перформанси. Покрај ова предвидувањата се дека новиот чип ќе биде 30 отсто поштедлив од A19.
Сепак, iPhone 18 е сѐ уште далеку. Оваа есен го чекаме претставувањето на iPhone 17, a до следниот телефон ќе помине барем една година.
Google го претстави Pixel 9a
Минатата недела Google го претстави Pixel 9a, најновиот член на нивната „А“ серија, со ветување за многу вештачка интелигенција и со релативно ниска цена од 499 американски долари. Ако се потврдат ветувањата новиот Pixel 9a ќе биде најдобриот телефон во средната класа.
Pixel 9a доаѓа со малку променет дизајн. Новиот модел има рамни рабови, заоблени агли и 6,3-инчен Actua дисплеј. Google тврди дека е 35% посветол од претходникот, достигнувајќи 2700 нити, и нуди 120Hz прилагодлив рефреш. Телефонот е достапен е во четири бои: црна, бела, розева и сива.
Она што и во минатото Google го правеше подобро од конкурентите е додавање на вештачка интелигенција во камерата. Овојпат компанијата се фали дека Pixel 9a има „најдобра камера во телефон од 500 долари“. Двојната задна камера (48MP главна и 13MP ултраширока) е надополнета со AI функции како Add Me, Best Take и Magic Editor. Додаден е и Macro Focus, што е новитет. Телефонот ги задржи и функциите како Magic Eraser, Night Sight и Astrophotography. Ќе треба да почекаме да видиме дали ова се само маркетинг трикови или навистина прават разлика во секојдневната употреба.
Google тврди дека Pixel 9a може да работи над 30 часа батерија со едно полнење. Со Extreme Battery Saver телефонот може да работи дури 100 часа. Pixel 9a е IP68 отпорен на вода и прашина, и доаѓа со 7 години софтверскa поддршка. Иако често се превидува, поддршката од 7 години е клучна карактеристика на овој телефон.
Gemini: AI-асистент на дофат на рака
Pixel 9a е еден од ретките телефони поевтин од 500 долари што го нуди Gemini Nano. Google го интегрира Gemini во апликациите како Maps, Calendar и YouTube, а наскоро ќе биде достапен и Gemini Live со видео и screen-sharing. Ова е можеби може да биде најискористена маркетинг точка на Pixel 9a – интеграцијата на Gemini и неговите AI-способности.
Pixel 9a ги нуди истите безбедносни функции како Pixel 9 и Pixel 9 Pro. Ова значи дека доаѓа со Car Crash Detection и Theft Protection. Доаѓа со вграден VPN од Google и можност за споделување на локација преку Find My Device. За децата Google додаде функции како Family Link и Google Wallet за деца.
Роботот Atlas повторно нѐ импресионира
Роботите на Boston Dynamic навистина нѐ импресионираа во изминатите години. Компанијата нема да престане да го прави ова. Роботот Atlas имаше импресивна презентација во која трчаше, правеше гимнастика, играше и се движеше супер слободно. Во движењата овој пат му помогна вештачката интелигенција. Роботот тренирал на „motion capture“ и анимации за да ги научи движењата кои ги гледаме во видеото.